Ели Сааб со краток филм и фотосесија во маѓепсана шума ја презентираше колекцијата висока мода есен/зима 2020.
За креирањето на новите модни дела, либанскиот дизајнер се инспирираше од Бејрут. „Магичниот дух на Бејрут е есенцијален за креирањето на Ели Сааб. Тој дизајнира со Бејрут, со неговата вибрантна култура и богатото уметничко наследство“ – пишуваат од популарниот бренд.
Насловена „Beirut, The Sacred Source“, колекцијата синтетизира драматични силуети, деликатни ткаенини и имагинативни рачно шиени детали.
Сааб му ја посвети колекцијата на Бејрут еден месец откако градот го потресе ужасна експлозија во која загинаа 190 лица. Домот на популарниот дизајнер бил целосно срушен, а штета имало и во неговото ателје.