Ревијата „Јованка во боја“ обедини дизајнери од целиот регион во чест на Јованка Броз. Модното дефиле, кое е омаж на ликот и делото на југословенската прва дама, се одржа симболично на поранешниот Ден на републиката во Палатата Србија, а нашата држава ја претстави Лидија Георгиева.
„Голема чест и привилегија беше да се учествува на ваков настан. Самото место на одржување беше несекојдневно и импресивно, полно со измешани емоции за сите нас, и учесниците и публиката. Историскиот карактер и дизајн на овој центар на моќ, изграден од Тито, е и денес уредно сочуван, со огромни уметнички дела, слики, скулптури и декорација, па целосниот впечаток е навистина едно нуркање во минатото, на достоинствен начин и со почит“ – изјави Георгиева за Femina.mk.
Креаторите имаа комплексна задача да создадат уникатни аутфити сошиени од материјали кои г-ѓа Броз ги добивала на нејзините патувања со Јосип Броз-Тито.
Инспирирајќи се од концептот „Златен кафез“, Георгиева претстави две уникатни креации.
„На ревијата имаше 40-тина дизајни, меѓу кои нашите беа доста забележани, добивме многу комплименти од сите страни. Изработени се од историски материјали кои биле сопственост на Јованка Броз. Едниот изглед е геометриски строго обмислена пелерина и пантолани од зелена шантунг свила. Другиот изглед е фустан од луксузен свилен брокат со историски референци од средината на минатиот век. Целокупниот дизајн е обмислен со концепт на Златен кафез, така што и двата изгледи се заокружени со уникатни модни додатоци изработени во соработка со Марта Наумовска Грнарова - Завар Дизајн. Со помош на нејзината инженерска и креативна енергија, им дадовме приказна на овие дизајни, кои беа забележани уште од самиот почеток. Ние таму настапивме како екипа од нашата земја и слободно можам да кажам, од името на двете, дека имавме историски егзотично и уникатно искуство. Модата е навигација меѓу минатото и иднината, а во овој случај спој на дизајнерски и инженерски вештини“ – детално опишува Георгиева.
Покрај новите креации, на модното шоу беа прикажани и седум фустани од гардеробата на Броз, како и оригинална војничка униформа од 1944 година.
На отворањето на ревијата, Ненад Радујевиќ, основачот на Белградската недела на модата, рече: „Оваа ревија не е само за стилот на Јованка Броз, туку и за нејзиното влијание на модата, затоа што имаше значајно влијание на развојот на текстилната и модната индустрија во Југославија, воглавно поради зајакнувањето на жената во социјализмот. Затоа овој омаж на Јованка Броз е дел од нашиот јубилеј, бидејќи и таа е важен дел од нашата модна традиција на која е базиран успехот на Белградската недела на модата. Драго ми е што покажавме и како новото културно наследство може на сјаен начин да инспирира и поврзе уметници ширум регионот“.
По ревијата, гостите имаа можност да разгледаат оригинални тоалети и аксесоари на Јованка, изложени во салата „Југославија“.
Фото: Djordje Tomic