Овој март, Амбасадата на Република Италија во Скопје, заедно со ITA - Италијанската трговска агенција, East Gate Mall и Моден Викенд Скопје, ја завземаат културната сцена со долгоочекуваните денови на италијанскиот дизајн. Настанот, кој годинава е под мотото „Создавање вредности: инклузивност, иновации и одржливост“, ветува дека ќе ја спои безвременската елеганција на италијанскиот дизајн со практиките за одржливост што го тераат светот да размислува напред.
Чифте амам ќе биде локацијата на која на 14-ти март ќе биде свеченото отворање на денови на италијанскиот дизајн со мастерклас на познатиот италијански дизајнер на играчки Лука Боскардин. Неговата евокативна гостувачка изложба од Музејот за дизајн ADI е посветена на 140-та годишнината од првото издание на Пинкио, прикажувајќи ги проектите што го толкуваат наследството на „Авантурите на Пинокио“ преку модерната визура на дизајнот.
Следниот ден, на 15-ти март, како и минатата година, така и оваа, East Gate Mall ќе биде домаќин на модно шоу, во кое сите присутнои гости и посетителите на трговскиот центар ќе ги дознаат најновите модни трендови од 20 врвни италијански брендови и со тоа ќе се означи почетокот на 28-та сезона на Моден викенд Скопје. Модната ревија ќе има за цел да ја спои традиционалната италијанска мода со современите трендови и одржливите практики, поставувајќи нови стандарди во оваа индустрија.
„Неизмерно сме горди што и годинава како Моден Викенд Скопје сме тука со Деновите на италијанскиот дизајн. Овогодинешната тема длабоко резонира со нашата посветеност за промовирање дизајн кој ја вреднува инклузивноста, иновативноста и особено одржливоста. Чест е да се соработува со вакви ценети партнери за да се оживее оваа визија. Упатуваме топла покана до сите ентузијасти на модата, дизајнот и одржливоста да ни се придружат во ова уникатно културно искуство кое ја слави италијанската извонредност и го отвора патот за позелена иднина во модата“ - стои во изјавата на организаторот.
Покрај Деновите на италијанскиот дизајн, Моден Викенд Скопје планира и низа активности до крај на март насочени кон застапување на одржливи модни иницијативи. Програмата вклучува интерактивни работилници, поп-ап локација Ready, Steady, Shop! посветена на “бавната мода” и простор за излагање на македонските модни брендови, како и можности за вмрежување. Сите настани се дизајнирани да поттикнат подлабока врска помеѓу заедницата и принципите на одржливо живеење преку модата и дизјанот.
Настанот ќе кулминира на 28 и 29 март со ревии на домашни дизајнери кои ќе ги покажат своите креации, истакнувајќи ја моќта и креативноста на локалните модни сили. Големото финале е закажано за 30-ти март, со Bridal Fashion Night, ветувајќи ексклузивен избор на невестински колекции.
Серијата настани ја потврдува доминантната позиција на Скопје како растечки центар за одржлива мода и дизајн во овој дел од светот, благодарејќи на Моден Викенд Скопје истовремено истакнувајќи ја заедничката глобална одговорност кон одржливоста. Соработката меѓу италијанските и македонските културни сили означува значаен чекор кон интегрирање на еколошките практики во рамките на меѓународниот дизајн и модата.
Моден Викенд Скопје FWSK продолжува да биде во првите редови на прoмовирање на иновативна и етичка мода. Со историја која опфаќа безмалку 15 год, FWSK е посветен на поттикнување на модната индустрија која ги почитува и луѓето и планетата. 28 изадние на овој култен настан кој ја слави модата и дизајнот е подготвено да започне.