Victoria’s Secret за првпат во историјата ангажираше модел со Даунов синдром. Софија Жирау од Порторико стана дел од кампањата за колекцијата „Love Cloud“ на брендот за долна облека.
25-годишната девојка позираше во градник од познатата компанија, која се насочи кон поголема инклузивност и диверзификација.
„Еден ден го сонував, работев на тој сон и денес ми се оствари. Конечно можам да ви ја кажам мојата голема тајна. Јас сум првиот модел на Victoria’s Secret со Даунов синдром! Внатре и надвор нема граници“ – напиша Софија во објавата со која ја сподели среќната вест за нејзиниот успех.
Пред две години, Жирау дефилираше на Њујоршката недела на модата. „Моделството во САД беше почетокот на остарувањето на сонот кој го имав од мали нозе: да бидам модел на една од најважните писти во светот. За мене, најважното нешто во остварувањето на моите соништа е да им покажам на луѓето ширум светот дека не постојат граници и да ги инспирирам да ги следат своите соништа“ – пишува на нејзиниот сајт.