Златко Јовановски посветено ја следи својата страст за креирање раскошни креации. Македонскиот дизајнер, кој стои зад брендот „ЈZJ by Zlatko Jovanovski“, ја презентираше својата најнова колекција која се состои од венчаници и свечени фустани.
Креациите ги претстави атрактивниот модел Ориола Мараши, која негува добра соработка со брендот Guess.
„Колекцијата вбројува венчаници и фустани за специјални прилики. Сите креации се надополнети со вез од монистри, стакла, бисери и камења. Јас како дизајнер сум посебно горд на нашето ‘ремек дело’, венчаницата којашто е направена со посебно внимание и ја направивме само за да се надминеме себeси и сè она што досега го имаме направено.“
„На таа венчаница работевме 5 луѓе, на истата се ставени 22.000 кристали, 16.000 помали кристали и безброј бисери и монистри. Сите овие детали се рачно сошиени на оваа венчаница, еден по еден. Вкупно потрошивме 11 работни дена, односно кога еден човек би ја работел оваа венчаница би потрошил околу 440 часа. Венчаницата е долга 3 метри, широка е 5 и пол метри и истата тежи 18 килограми“ – изјави Златко.
„Јас како дизајнер оваа фотосесија ја визуелизирав како ‘чиста’ и темна позадина за да дојдат во примарен план креациите и деталите. За да биде магијата во целост од старт знаев дека сакам да позира Ориола Мараши, една од најуспешните модели во светот која воедно и е заштитно лице на брендот Guess“ – ни откри тој.
Колекцијата „Pure” првично била претставена на Саемот за венчаници во Измир, кој е еден од најголемите саеми од овој тип во светот.