Редовната физичка активност, одржувањето на здрава телесна тежина и умерената консумација на алкохол го намалуваат ризикот од рак на дојка, дури и кај жените во чии семејства се појавува оваа болест.
Истражувачи од Универзитетот Рочестер анализирале податоци за жени на возраст од 50 до 79 години во текот на 5 и пол години. Тие заклучиле дека придржувањето кон посочените три здрави навики го намалува ризикот од рак, без разлика дали во семејството на жената имало или немало случаи на рак на дојка.
„Меѓу жените кои имале семејна историја на рак на дојка и се придржувале кон овие навики, 6 од 1000 жени добиле рак на дојка во текот на една година“ – изјавил д-р Роберт Глемлинг кој го предводел истражувањето. За споредба, 7 од 1000 жени добиваат рак на дојка секоја година ако имаат семејна историја на болеста и не ги прифаќаат трите здрави навики.
Кај жените кои немаат семејна историја поврзана со оваа болест, 3,5 на секои 1000 се дијагностицирани со рак годишно ако се придржуваат кон здрави навики, а ако не се придржуваат, ризикот се зголемува и заболуваат 4,6 од 1000 жени.
Редовна физичка активност според Гремлинг е 20 минутни кардио вежби барем 5 пати неделно. Умерената консумација на алкохол е дефинирана како помалку од 7 пијачки неделно, а здрава телесна тежина се смета дека имаат жените чиј BMI (Body Mass Index) се движи од 18,5 до 25.
Роберт Гремлинг се надева дека ова истражување ќе им помогне на жените чии мајки или сестри страдале од рак на дојка да започнат да размислуваат попозитивно и да не мислат дека се осудени да добијат рак.