Малкумина се оние кои немаат почувствувано колку неподнослива е болката која се појавува кога партнерот ќе ги напушти. Ако разделбата е неочекувана, болката е уште поголема.
Сега научниците докажаа дека навистина скршеното срце предизвикува болка. Со помош на ново истражување тие откриле дека во мозокот се активираат истите области и кога некој е оставен од партнерот и кога чувствува болка предизвикана од силна топлина.
Психологот Едвард Смит од Универзитетот Колумбија и неговите колеги стигнале до заклучокот дека интензивната емотивна болка ги активира истите нервни патишта како и физичката болка.
Истражувањето било направено со учество на 21 жена и 19 мажи кои биле оставени од својот партнер во претходните шест месеци. Нивниот мозок бил скениран додека со топлина им била предизвикувана болка на едната рака. Потоа, истите доброволци требало да гледаат фотографија од нивните бивши партнери и да мислат на некои спомени од времето кога биле заедно. И во текот на вториот експеримент бил скениран нивниот мозок.
Не само што резултатите од скенирањето покажеле дека и во текот на двата експерименти се активираат истите области од мозокот, туку и самите учесници изјавиле дека спомените од врската им предизвикуваат иста болка како и топлината.
За утеха, истото истражување покажало дека времето ја лекува болката од разделбата. Колку повеќе денови имале изминато од раскинувањето, толку помала била активноста на мозокот во областите поврзани со емотивната болка.