Откажувањето од пушењето во секој случај е најдоброто нешто што можете да го направите за вашето тело. Но, досега научниците не можеа да дадат конкретен одговор дали луѓето се посреќни откако ќе ги откажат цигарите, особено затоа што е распространето сфаќањето дека цигарите ја намалуваат депресијата и вознемиреноста.
Најновото истражување на научниците од Универзитетот Браун и Универзитетот Јужна Калифорнија покажало дека откажувањето од пушењето ги прави луѓето посреќни и дека тој позитивен ефект трае сè додека тие успеваат да останат понастрана од цигарите.
Во истражувањето учествувале 236 мажи и жени кои сакале да се откажат од цигарите. Сите тие добиле никотински лепенки, советување и одредиле дата на која требало да престанат да пушат.
Една седмица пред таа дата сите биле тестирани за појава на депресивни симптоми. Потоа, исти такви тестирања биле спроведени по 2-рата, 8-мата, 16-тата и 28-мата седмица од откажувањето.
Скоро половината од учесниците не успеале да ги откажат цигарите и тие останале несреќни во текот на целото истражување.
Петтина од учесниците успеале да издржат 2 седмици без цигара, секој шести успеал да ги остави цигарите до 16-тата седмица, а исто толку учесници успеале да издржат без цигари во текот на целото истражување.
Резултатите покажале дека оние кои се откажале од пушењето и успеале да се придржуваат до таа своја одлука биле најсреќни и нивното добро расположение останало константно во текот на истражувањето.
Од друга страна, оние кои привремено се откажале биле среќни во периодот додека не пушеле, но нивното расположение значително се влошило кога подлегнале на искушението да запалат цигара.