Дубаи е домот на некои од најскапите и највпечатливите чуда на архитектурата, а од минатиот месец стана дом и на најубавата и најголемата природна цветна градина во светот.
Иако тоа не е локацијата на која би очекувале да „никне“ најголемата цветна градина поради пустинската почва, кога се знае дека Дубаи редовно се поврзува со суперлативи и неочекувани мега проекти, воопшто не е за чудење што токму таму „израсна“ овој рај за очите. Со оглед на пустинската земја, името „Dubai Miracle Garden“ е соодветно избрано.
На површина од 72.000m2 се засадени 45 милиони цвеќиња, кои формираат срца, пирамиди, ѕвезди и слично.
Туристичката атракција се очекува да привлекува околу милион посетители годишно. Оние кои ќе решат повеќепати да ја посетат волшебната градина, секогаш ќе имаат ново доживување, затоа што цвеќињата и декорациите ќе бидат менувани секоја година.
Во градината се наоѓа и долг ѕид од цвеќиња, којшто би требало да го надмине досегашниот рекорд во Гинис за најдолг цветен ѕид.