Неодоливите фотографии на мајка која вежба јога со своите две деца ќе ве инспирираат да ги вклучите вашите малечки во тренинзите.
Самер Перез, која во последните 7 месеци е самохрана мајка, секој ден во 9 часот наутро практикува јога со 5-годишниот син Џејден и 3-годишната ќерка Каталија. 30-годишната Американка, која се стреми да стане инструкторка по јога, тврди дека јогата има позитивен ефект не само кај неа, туку и кај нејзините деца.
Имено, Самер пред три години имала многу тежок период и се соочила со депресија и анксиозност. „Преку здраво практикување на јога, се извлеков од многу многу проблеми кои ми го нарушуваа менталното здравје, ме влечеа надолу и ме спречуваа да живеам во целост. Јогата ми помогна да станам силна и флексибилна, физички и ментално“ – пишуваа таа.
„Започнав да практикувам јога со моите деца и го забележав длабокиот позитивен ефект кој јогата и медитацијата го има врз нашите секојдневни животи. Ефектот е уште поочигледен кога не вежбаме, што е уште поголем индикатор за моќта на нашите тренинзи во намалувањето на стресот и во создавањето на спокоен дом полн со љубов“ – додава Самер.
„Ако ги вклучувам во моите тренинзи, имаме време за да се поврземе, да се смееме и да научиме нешто ново. Започнуваат да го разбираат своето тело и што е она што им е потребно за да се грижат за него и да бидат здрави“ – вели таа за вежбањето со децата.
Перез сега собира средства за да отвори свое студио во кое ќе држи часови по јога за лица кои живеат во тешки околности, кои минуваат низ стресни ситуации, како и за мајки кои сакаат да се поврзат со своите малечки преку јогата.