Спектакуларни домови кои пловат ќе се градат во Дубаи. Уникатните вили на три ката ќе бидат лоцирани на „Светските острови“, а еден од катовите ќе се наоѓа под вода.
Проектот наречен „The Floating Seahorses“ е создаден од групацијата Kleindienst Group и вклучува 42 вили. Секоја од нив ќе се протега на површина од околу 160 м2 и ќе биде на три ката, а планирано е да бидат завршени до крајот на 2016 година.
Првиот кат од елитните вили ќе биде целосно под вода и е предвидено да има спална соба и бања со поглед на вештачки создадени корални гребени и богата подводна фауна. На катот кој ќе се наоѓа на морското ниво ќе се наоѓаат кујна, трпезарија, дневна соба и палуба за сончање, додека третиот ќе биде кат за релаксација со мини-бар и џакузи. Секој од овие домови ќе има своја парцела во Арапскиот залив.
Вештачките корални гребени, кои се дел од проектот, дополнително ќе помогнат да се заштитат морските коњчиња кои се сметаат за загрозен вид.
Се прашувате колку чини една ваква вила од соништата? Одговорот е 1,36 милиони долари, но 36 од нив се веќе продадени на инвеститорите во проектот.