„Сè што луѓето земаат здраво за готово – тоа се нештата за кои јас сонувам. Јас не живеам. Сакам повеќе“ – вели Полин Потер, жената која влезе во новото издание на Гинисовата книга на рекордите за 2012 година со титулата „Најтешката жива жена на светот“.
48-годишната Американка за последен пат била измерена од претставници на Гинис во февруари и тогаш тежела 291 килограм. Но, таа смета дека денес нејзината тежина наближува 320 килограми.
Потер не се гордее со новата титула и се надева дека откако на 15 септември Гинис ќе ја објави нејзината приказна, ќе се најде некој експерт што ќе може да и помогне да ја изгуби непосакуваната титула.
„Не сакам луѓето да имаат лошо мислење за мене, но подготвена сум да ризикувам за да добијам помош. Имам многу љубов за давање и сакам да сум способна да им помагам на другите, но сега јас имам потреба од помош“ – изјавила таа во интервју за People.
Пред помалку од еден месец Американката Сузан Емен изјави дека ќе се бори за титулата најдебела жена на светот. Таа тврдеше дека има 330 килограми, но никогаш не е измерена од Гинис.
Според Гинис, најтешката жена во поновата историја достигнала 544 килограми во 1987 година.