Запознајте ја Кирстен Рич, девојката на која ѝ плаќаат за да патува.
27-годишната креаторка на блогот „The Blonde Abroad“ пред речиси 5 години се откажала од своето високо платено работно место за да го истражи светот, без да помислува дека еден ден тоа ќе ѝ стане професија. Кирстен постојано е во движење, а своите авантури ги документира со фотографии и видеа, кои ги објавува на својот блог и на Instagram.
Рич, која некогаш вредно работела да изгради стабилна кариера во областа на финансиите, дала отказ зашто тој живот воопшто не ја исполнувал и прво започнала да патува како волонтер во земјите во развој, за подоцна да заработува од тоа.
Благодарение на огромната популарност, денес Рич има вработено 6 лица кои се грижат за нејзиниот сајт додека таа патува. Но, тоа не било отсекогаш така. Како што тврди убавата авантуристка, таа практично работела бесплатно на својот блог цели две години и се откажала од сите луксузи кои ги имала претходно.
„Клучот е во тоа да живееш со малку и најважно од сè, да правиш компромис. Откако ја напуштив работата во Лос Анџелес, го напуштив станот во кој живеев, двата големи плакари, членството во скапата фитнес сала и сите услуги за разубавување. Мислев дека тие нешта ми се потребни за да бидам среќна. Будалетинка“ – пишува таа.
По 50 посетени земји и авантури во текот на 9 месеци од годината, Кирстен не ни помислува да се врати на стариот начин на живот. „Сега не можам ни да замислам да се вратам на животот од девет до пет. Никогаш не би прифатила работа која ме спречува да патувам“ – вели Рич.