Валентина Гуереро го шармира светот со својата неодоливо слатка насмевка. 10-месечното девојче со Даунов синдром е заштитно лице на детската колекција костими за капење на дизајнерката Долорес Кортес.
Веселите фотографии на кои во преден план е ставена искрената детска насмевка на Валентина предизвикаа бран позитивни реакции. „Луѓето со Даунов синдром се исто толку убави и заслужуваат исти можности. Возбудена сум што Валентина е наш модел“ – изјавила познатата шпанска дизајнерка.
Иако сè уште нема наполнето една година, Валентина веќе се има појавено на модните писти. На крајот на модното шоу во Мајами, Долорес се појави на пистата држејќи ја Валентина во рацете.
Мајката на малата Валентина е пресреќна со изборот на Долорес и смета дека кампањата испраќа јасна порака, односно дека „сите деца заслужуваат еднакви можности, без оглед на физичката, социјалната, економската, расната или медицинската состојба“. „Како мајка, јас сум горда со она што го има постигнато мојата ќерка за помалку од една година живот“ – изјавила таа.
Ова не е првпат дете со Даунов синдром да учествува во модна кампања. На почетокот на годинава, во кампањата на компанијата Target учествуваше 6-годишно момче со Даунов синдром.
Но, Валентина е првата личност со Даунов синдром во светот која е главен модел во рекламна кампања. Десет проценти од заработката од детската колекција Долорес Кортес ќе ги донира за потпомагање на Асоцијацијата за Даунов синдром во Мајами.