Девојки успеаја да ја претворат болката на неверството во нешто позитивно и сега заедно патуваат низ Америка.
Бека, Аби и Морган дознале дека истовремено се изневерувани од истото момче, но наместо да имаат негативни емоции една за друга, тие одлучиле заедно да патуваат. Трите девојки купиле стар училиштен автобус, го реновирале и тргнале на заедничка авантура.
Тие го документираат нивното патување со фотографии кои ги споделуваат на Instagram страницата BAM Bus, крстена по иницијалите од нивните имиња.
„Го живееме животот од соништата. Неверојатно е кога ќе помислиме дека сето ова се случи поради него“ – рекла Морган, која започнала да се сомнева во своето момче минатиот декември, кога тој започнал да добива флертувачки коментари од други девојки на социјалните мрежи. Тие биле заедно со прекини седум години.
„Имав лошо чувство од кое не можев да се ослободам, па го отворив профилот на една од девојките. Речиси на сите фотографии на страницата таа беше фотографирана со дечкото кој сметав дека ми е момче“ – рекла таа.
Двете се сретнале и продолжиле заедно да „копаат“ во неговиот профил и дознале дека тој има уште една девојка – Аби.
„Ова момче на секоја од нас ни имаше речено дека сака да си купи автобус и дека сака да патува низ земјата со него. Сите седевме и се смеевме цел викенд додека разговаравме за тоа. Не помина многу време пред да си речеме: ‘Еј, ние можеме да го направиме тоа’“ – раскажала Морган за моментот кога им се родила идејата.