Мажите ставаат различни светла, спојлери и цртаат по своите автомобили за да им дадат оригинален изглед. А како жените би ги разубавиле своите автомобили, ако не со шминка!?
Американската компанија Turbo Style Products создаде продукт којшто ќе им помогне на жените да ги разубават своите превозни средства без многу труд и време. CarLashes се вештачки трепки за автомобили кои станаа хит прво во Америка, а сега и во Велика Британија.
Овој моден додаток се прицврстува со помош на леплива лента над фаровите и нема никаква опасност дека ќе ја оштети бојата. Трепките чинат нешто над 1000 денари и за жал (или за среќа) сè уште ги нема во Македонија.
А за оние што сакаат да го направат својот автомобил уште поатрактивен, компанијата пушти во продажба и кристален ајлајнер кој се лепи над трепките за „позаводлив“ изглед.
Обожавателите на овој продукт создадоа и Фејсбук страна на која поставуваат фотографии од нивните разубавени автомобили.