Прегрнете го вашето дете, подарете му ја вашата љубов, слушнете го што има да ви каже, пофалете го, кажете му дека се гордеете со него, зголемете му ја самодовербата, заштитете го од оние кои сакаат да го повредат... Бидете негово безбедно место, негова поддршка, негова ѕвезда-водилка.
Денес се слави Светскиот ден на децата.
Најмалите меѓу нас секојдневно ни покажуваат дека имаат најискрена насмевка, најчиста душа, најтопла прегратка, најголемо срце. Ајде сите заедно да се обединиме за да им ги гарантираме нивните права и да го направиме светот поубаво место за нив.
Светскиот ден на децата се одбележува од 1954 година, а датумот 20 ноември бил избран од страна на Генералното собрание на Обединетите Нации. Целта е да се промовираат идеи кои ќе ја зголемат благосостојбата на децата, особено во деловите погодени од сиромаштија, вооружени конфликти и дискриминација.
Датумот се совпаѓа со носењето на Декларацијата за правата на детето. Во Декларацијата се вели дека секое дете има право на живот, здравје, образование и игра, како и право на семеен живот, заштита од насилство и дискриминација и право на свое мислење.
UNICEF повикува секој од нас да се „обои“ во сина боја и да се заложи за исполнување на правата на децата. Многу знаменитости и објекти низ светот веќе светат во сина боја. Скопје се придружи на глобалната иницијатива.
„Веруваме во свет во кој секое дете е безбедно, здраво и издржувано, со шанса да учи и да ја избере иднината што ја заслужува“ – пишуваат од UNICEF.
„Низ целиот свет, децата ја покажуваат нивната сила и нивното лидерство застапувајќи се за поодржлив свет за сите нас. Ајде да го изградиме предвреме и да се обврземе дека ќе ги ставиме децата на прво место. За секое дете, секое право“ – е пораката на Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
„Пред 30 години ОН ја усвоија Конвенцијата за правата на детето и ни го подарија Светскиот ден на децата за да се залагаме за нив, за секое дете да има пристап до секое право. Децата и младите се предводници на нашата иднина. Децата нè инспирираат и се најголемата причина за нашиот стремеж да изградиме подобар свет што им го оставаме во наследство“ – напиша премиерот Зоран Заев.