Децата заслужуваат да бидат слушнати, сакани, среќни и згрижени! Стуткајте се покрај вашето дете на подот или на каучот и поминете квалитетно време во разговор. Прашајте го како се чувствува, дали нешто го мачи, како му поминуваат деновите, што сака да направи за да го промени светот... Начулете ги ушите и вистински слушнете што има да ви каже.
Денес се одбележува Светскиот ден на детето, кој има за цел да нè потсети нас возрасните дека треба да ги слушнеме идеите и барањата на најмалите меѓу нас.
Ова е ден кога се преземаат акции од деца за деца, кога младите го креваат својот глас и ги повикуваат возрасните заедно да создадат подобра иднина.
Светскиот ден на децата се одбележува од 1954 година, а датумот 20 ноември бил избран од страна на Генералното собрание на Обединетите Нации. Целта е да се промовираат идеи кои ќе ја зголемат благосостојбата на децата, особено во деловите погодени од сиромаштија, вооружени конфликти и дискриминација.
Датумот се совпаѓа со носењето на Декларацијата за правата на детето. Во Декларацијата се вели дека секое дете има право на живот, здравје, образование и игра, како и право на семеен живот, заштита од насилство и дискриминација и право на свое мислење.
„Пандемијата со КОВИД-19 ни покажа како нееднаквоста ги засега правата на секое дете. Од климатските промени, образованието и менталното здравје, до ставање крај на расизмот и дискриминација, децата и младите лица го креваат нивниот глас за проблемите кои се важни за нивната генерација. На Светскиот ден на децата е поважно отсекогаш светот да ги слушне нивните идеи и барања. На 20 ноември, децата ќе замислат подобар свет. Што ќе направите вие?“ – пишуваат од УНИЦЕФ.
Big changes start small.
— UNICEF (@UNICEF) November 16, 2021
The impact of COVID-19, climate change and conflict affect us all. Don't give up on adults, only together can we change the world.#WorldChildrensDay pic.twitter.com/PMmwHWfJzW
Од Обединетите Нации ги повикуваат младите да се придружат во предизвиците на социјалните мрежи под хаштаговите #OlderSelfTalk и #WorldChildrensDay и да направат интересно видео кое ќе помогне да се започне разговор меѓу генерациите за глобални предизвици како климатските промени, достапот до квалитетно образование, еднаков пристап до вакцини и ментално здравје.
Преубави цитати за децата
„Секое дете е различно цвеќе, заедно го прават светот преубава градина“ - Анонимен
„Децата треба да бидат научени како да мислат, а не што да мислат“ – Маргарет Мид
„Најдобриот начин за да ги направиме децата добри е да ги направиме среќни“ – Оскар Вајлд
„Да запомниме: Една книга, едно пенкало, едно дете и еден учител можат да го променат светот“ – Малала Јусафзаи
„Како изгледа родителството? Тоа е едно од најтешките нешта кои некогаш ќе треба да ги направиш, но за возврат те учи на значењето на безусловната љубов“ – Николас Спаркс
„Децата се најскапоцениот ресурс на светот и најдобрата надеж за иднината“ – Џон Кенеди
„Децата не бараат внимание, туку љубов“ – Зигмунд Фројд
„На децата не им требаат повеќе нешта. Најдобрата играчка која едно дете може да ја има е родител кој ќе седне на подот и ќе си игра со него“ - Анонимен