Фамозната шапка која принцезата Беатрис ја носеше на кралската свадба достигна цена од 131 341 долари на eBay. Смешната светло розова шапка донесе многу насмевки ширум светот, а поради големата популарност, нејзината сопственичка реши да ја искористи за хуманитарни цели.

Наддавањето за креацијата на дизајнерот Филип Трејси заврши вчера. Собраните парични средства ќе бидат донирани во УНИЦЕФ и Британската хуманитарна организација „Children in Crisis“.
На 29 април, од сите престижни креации на кралската свадба, шапката на Беатрис освои најголемо внимание.

„Бев воодушевена од големото внимание што го привлече шапката. Ова е одлична можност да се соберат колку што е можно повеќе пари за две фантастични хуманитарни организации. Се надевам дека оној којшто ќе ја добие аукцијата ќе се забавува со шапката исто колку што и јас се забавував“ – изјавила 22-годишната принцеза.
Исмејуваната креација има и своја страна на Facebook со повеќе од 143 000 обожаватели.