Семејство создаде свое селце со мали куќарки во Кентаки, а уникатната идеја привлекува внимание на интернет.
Кели и Рајан Бринкс пред пет години купија големо земјиште и на него изградија 6 мали куќарки и мала штала за животни. Најголемиот објект е домот на брачниот пар кој зафаќа површина од 26 m2, а останатите две живеалишта се на нивните две деца – 18-годишната Ленокс и 16-годишниот Броуди – и зафаќаат површина од по 14 m2.
Домот на родителтие
Домовите на децата
На имотот се наоѓа и објект со две бањи, куќарка со базен и гостинска куќа. Пред секоја од куќарките има патека која води до место каде што има огниште и клупи и кое служи за семејни собири.
На овој начин двете деца имаат приватност, сами се грижат за својот дом и се посамостојни, а истовремено се во близина на родителите. Тие сами си го избирале дизајнот и типот на куќарките.
„На почетокот, мојот сопруг сакаше сите да бидеме во едно живеалиште, но јас спорев со него во полза на децата за тие да имаат своја приватност“ – изјавила Кели.
Целта на семејството била да живее поекономично, поскромно и посамостојно.
„Исто е како да имаш своја соба. Но, наместо да имаме ходници, ние сме надвор. Ми се допаѓа независноста. Вака не ги вознемирувам родителите со бучавата“ – рекла Ленокс.
„Кога живеевме во куќа, децата поминуваа многу време во своите соби. Ќе слезеа долу за да каснат нешто или кога имавме оброк. Исто е и во селото. Како тинејџери, тие поминуваа многу време во своите куќарки, а во нашата доаѓаа само за јадење. Ако ни требаа за нешто, само ќе им тропневме на влезната врата наместо како порано на врата од спалната соба“ – рекла мајката Кели.
Семејството го рециклира отпадот, а остатоците од храната им ги дава на кокошките. Во нивното домаќинство има многу малку отпад. Сите употребуваат платнени торби за пазарување и многу ретко користат машина за сушење алишта.
„Ги учиме децата колку е скапоцена Земјата и да придонесат во нејзино зачувување и ги охрабруваме другите да го прават истото. Семејната блискост, свежиот воздух, тренинзите надвор, одгледувањето храна и добрата грижа за животните за тие добро да се грижат за нас – сакаме ова да им го пренесеме нив и на следните генерации“ – додава Кели.