- Ќе се креира „е-Бонтон” прирачник за електронска комуникација, во чија подготовка можат да се вклучат сите граѓани кои се активни во дигиталнoтo општество.
- „е-Бонтон” прирачникот се очекува да биде збирка на правила за етичко однесување и комуницирање при електронска комуникација.
- До средината на јануари 2013 година на веб страницата www.ebonton.mk и преку Фејсбук фан страницата „Е-Бонтон“ ќе може да се испраќаат предлози за креирање на прирачникот.
Фондацијата „е-Македонија“ започнува со реализација на проектот „е-Бонтон”, со цел создавање на правила за убаво однесување во е-комуникацијата и подигнување на јавната свест за начинот на кој луѓето комуницираат преку социјалните мрежи.
Станува збор за креирање на „е-Бонтон” прирачник за електронска комуникација, во чија подготовка можат да се вклучат сите граѓани кои се активни во дигиталната комуникација. „е-Бонтон” прирачникот се очекува да биде збирка на правила за етичко однесување и комуницирање при електронска комуникација од секаков вид, кои што ќе ја подобрат комуникацијата и меѓусебното разбирање меѓу луѓето.
„Како лидери на интернет пазарот во земјава и како компанија која што со своите висококвалитетни услуги придонесе за развој на информатичкото општество, проценивме дека е време нашата мисија да ја издигнеме на едно ниво погоре. Впрочем, „е-Бонтон“ проектот се однесува токму на тоа. Целта на проектот е да ги поставиме основите на доброто однесување во виртуелниот простор и да дефинираме култура на однесување“ – изјави Даниел Сас, претседател на Фондацијата „е-Македонија“.
„Главната цел на креирањето на овој прирачник е да се постави структура односно платформа на која ќе се доградува целата електронска комуникација. Неопходно е да се вклучат што поголем број на граѓани кои секојдневно се вклучени во интернет комуникацијата, разговараат и ги споделуваат своите најважни моменти преку социјалните мрежи, и кои знаат што е добро при таквиот начин на комуникација и што треба да се промени со цел да се подобри електронското општење. Благодарение на нивните лични искуства, совети и предлози Фондацијата ќе го креира првиот прирачник од ваков вид во Македонија“ – изјави Радмила Јончевска, директор на Фондацијата „е-Македонија“.
Фондацијата креираше веб страница www.ebonton.mk и Фејсбук фан страница „Е-Бонтон“ која е отворена за сите што сакаат да споделат мислења за да се креира прирачникот. Предлозите ќе можат да се испраќаат на наведените страници до средината на јануари 2013 година.
Проектот „е-Бонтон“ е поддржан и од невладината организација Метаморфозис, Младинскиот отворен форум и Високата школа за новинарство и односи со јавност.
Фондацијата „е-Македонија“ Скопје е основана во 2004 година со Одлука на Одборот на директори на Македонски Телеком АД – Скопје како Основач, а во чест на имплементација на идејата на починатиот Претседател на Република Македонија, г-дин Борис Трајковски, со цел ширење и поддршка на придобивките од информатичко општество и унапредување на знаењето.
Визијата на Фондацијата е создавање на инклузивно дигитално општество каде што секој може да го истражува потенцијалот и придобивките на новите технологии, слободно да пристапува и споделува информации и услуги како и поефективно да учествува во заедницата. За таа цел, Фондацијата “е-Македонија” ќе обезбедува финансиски инвестиции за инцијативи кои што можат да помогнат во решавањето на проблемот со дигиталната поделба и ќе формулира стратегии за промовирање на користењето и придобивките од ИКТ.