Љубовната приказна на еден пар започнала со големо слабеење.
Марија и Бен живееле на два различни континенти, но споделувале ист животен проблем. И двајцата истовремено граделе здрави навики и слабееле за да се изборат со здравствените проблеми.
Пред неколку години, Марија Лендерс од Шведска била исправена пред ментални и физички предизвици поради тоа што тежела 120 килограми. Таа често се соочувала со болки во половината и со повреди. Откако се опоравила од скршеница на коленото, ја советувале да ја намали тежината и тоа била пресвртница во нејзиниот живот.
„Моите повреди беа толку големи што морав да станам силна за да бидам здрава во останатиот дел од животот. И успеав во тоа. Уморна бев од болка и повреди“ – рекла Марија.
Решителната жена се откажала од пијалаците полни со шеќер и од јадењето бонбони и започнала да се храни здраво. Со помош на фитнес тренер, започнала да тренира шестпати неделно и намалила 45 килограми.
Во процесот на слабеење, започнала да чита успешни приказни на други луѓе кои ослабеле и така го пронашла Бен, кој сега ѝ е сопруг.
Бен живеел во САД и имал ослабено 75 килограми, а снимал видеа со кои ги инспирирал луѓето да го следат неговиот пример. Најголемата промена тој ја направил со помош на наизменично постење во текот на девет месеци.
„Наидов на YouTube канал на кој дечко го правеше она што јас го правев. Имаше намалено многу тежина, си го имаше променето животот, изгледаше многу згодно и морав да му испратам порака. Кога го видов како зборува во видеото, речиси беше како да се гледам себеси“ – рекла таа.
„Бен имаше прекумерна тежина цел живот, беше исмејуван толку многу што неговите приказни сè уште ме расплакуваат. Го започна неговото патување со 136 килограми, ослабе многу, а потоа стави неверојатна количина на мускулна маса“ – додала Марија.
Парот стапи во брак во 2016 година и има едно синче.
„Престани само да постоиш и започни да живееш“ – советува Марија.