По двомесечни одложувања, синоќа се одржа 64-тото издание на доделувањето на престижните Греми награди. На манифестацијата во Лас Вегас, која првоначално требаше да се одржи во јануари, беа наградени најзвучните имиња во музичкиот свет за годината која измина.
Џон Батист беше големиот победник на вечерта и си замина дома со пет златни грамофони, меѓу кои и за Албум на годината за „We Are“.
„Silk Sonic“, дуото на Бруно Марс и Андерсон Паак, „присвои“ четири награди од кои позначајни се за Најдобар видеозапис, Најдобра песна и Најдобра R&B песна за „Leave The Door Open “.
Во категоријата Најдобар нов артист, челната позиција ја зазеде Оливија Родриго, која освои и златен грамофон и за Најдобра соло поп изведба и за Најдобар поп албум.
Во рацете на Лејди Гага и Тони Бенет заврши наградата за Најдобар традиционален поп албум за „Love for Sale“.
За Најдобра рап песна беше прогласена „Jail“ на Кание Вест и Џеј Зи, додека наградата за Најдобар рап албум замина кај Тајлер, the Creator, за „Call Me If You Get Lost“.
„Waiting on a War“ на Foo Fighters стана Греми победник во категоријата Најдобра рок песна.
Целосната листа на победници можете да ја видите тука.