Ако и вие сте заробени во оној измачувачки круг на викање по вашите деца и вина поради начинот на кој сте зборувале со нив, Лорен Вин има неколку совети кои ќе ви помогнат. Како личност која повеќе од една деценија предавала во приватни училишта и е авторка на книга со стратегии за позитивна интеракција, Лорен дава насоки кои родителите треба да ги следат.
Вин советува дека најважно е мајките и татковците да прифатат дека совршенството не постои и дека не треба да се обидуваат постојано да бидат идеални родители.
Наместо да очекувате совршенство, Лорен советува секојпат кога ќе изгубите трпение, да разговарате со децата искрено, во согласност со нивната возраст. Треба да се изразувате со едноставни зборови, на пример: „Извини што ти викав утрово. Бев нервозна оти на нашето семејство му требаше толку долго време за да се подготви за излегување“.
Таа препорачува на сличен начин да им зборувате и на мали деца кои сè уште не ги развиле нивните вербални вештини. Лорен тврди дека во ваквите разговори ја вклучува и нејзината 18-месечна ќерка. „Знам дека таа сега може да разбере многу повеќе отколку што може да каже“ – појаснува таа.
Вториот нејзин совет е да бидете нежни кон себе и да го користите концептот „7 од 10“. Идејата е 7 од 10 нешта кои им ги кажувате на децата да бидат позитивни, изговорени со љубезен глас. „За време на тешките моменти, кога се чувствувам виновно за зборовите што сум им ги кажала на децата, се тешам со навраќање на денот како целина. 10 од 10 не се случува, но можам да успеам со 7 од 10 во најголем дел од деновите“ – вели таа.