Први септември за многу деца значи среќно враќање во школските клупи и прекрасен нов почеток. Но, за децата со посебни потреби, едукацијата е континуирана работа која се одвива во текот на целата година.
Стефани Ханран, која е мајка на две деца во аутистичниот спектар, испрати важна порака пред првиот училиштен ден. Популарната блогерка истакна дека инклузијата на децата со посебни потреби е важна и дека ним не им треба сожалување, туку вклучување.
6-годишната Кембел и 4-годишниот Ели имаат потреба од структура во животот и имаат ист распоред во текот на целата година, па Стефани и нејзиниот сопруг ги прескокнуваат летувањата за да им ја овозможат потребната терапија и едукација.
Некои деца не се „враќаат на училиште“, бидејќи никогаш не ни заминале.
Некои деца, како моите, не ги поминуваат летата јадејќи шеќерна волна или спуштајќи се по тобогани, бидејќи мора да се едуцираат во текот на целата година.
Некои деца имаат хендикеп, видлив или невидлив за вас, кој бара од нив да одат на терапија наместо на семејни патувања. Нивната потреба за структура не може „да оди на одмор“, бидејќи тие зависат од училиштата и центрите за да научат како да јадат, одат и зборуваат.
Посебните потреби значат дека нашите деца ги пропуштаат „нормалните“ важни моменти, како држење табла со натпис преку кој му кажуваат на светот кое одделение се или што сакаат да бидат кога ќе пораснат.
Но, ние не сакаме да бидеме сожалувани.
Ние само сакаме да бидеме вклучени.
Ние само сакаме светот да ги знае и нашите важни моменти.
До секое дете што го минува летото во соба со работен терапевт, учејќи како да држи лажица или за првпат пробува парче овошје...
До секој родител кој прелистува на социјалните мрежи и гледа семејства кои се шлапкаат и сончаат додека тие ги бањаат нивните пораснати деца...
До секој едукатор и терапевт кој го поминува летото далеку од сопствените деца за да се грижи за моите...
Вие сте херои.
Можеби нема да има „прв“ или „последен“ ден, но секој ден, ние ве гледаме и ви оддаваме почит.
Стефани е творец на блогот „Tinkles Her Pants“ во кој отвора теми како хронични болести, аутизам и посебни потреби.