Запознајте го најголемото семејство на светот! Семејството на Зиона Чана брои 181 член.
„Денес се чувствувам како специјално дете на Господ. Тој ми има дадено толку многу луѓе за кои се грижам. Се сметам за среќен што сум сопруг на 39 жени и глава на најголемото семејство на светот“ – изјавил Чана.
Најголемото семејство живее во огромна 5-катна куќа со 100 соби. Сопругите на Чана спијат во заеднички спални, а тој има своја соба со голем кревет. Најмладата сопруга е сместена најблиску со спалната, а највозрасната – најдалеку. Сопругите ротираат за да можат сите да поминат одредено време во спалната на Чана.
Очигледно сево ова не им смета на 39-те сопруги. Една од сопругите на Чана, 35-годишната Ринкмини, изјавила дека Чана е најважната личност во куќата и дека тој е најзгодниот маж во селото. Друга пак изјавила дека семејството функционира со взаемна почит и љубов.
Во семејството владее речиси војничка дисциплина. Најстарата сопруга на Чана, 69-годишната Затианги, ги организира останатите жени при извршувањето на домашните обврски како чистење, перење и подготвување на оброци.
А готвењето сигурно е тешка задача, затоа што на големото семејство му е потребна многу храна. За да приготват една вечера, 39-те жени готват 30 кокошки, 60 килограми компири и 100 килограми ориз.
Чана е раководител на секта која им дозволува на своите членови да имаат колку што сакаат жени. Една година тој се оженил дури со 10 жени.
Голем дел од членовите на семејството се столари кои собираат дрва од џунглата и изработуваат мебел.