Мајка на девојче со Даунов синдром напиша емотивно писмо од гледна точка на нејзиното бебе за да се бори со предрасудите и застарените сфаќања кои луѓето ги имаат за лицата со екстра хромозом.
Изабел Херон е жена-борец која целосно се променила како личност откако ја добила ќеркичката Емили. Таа сега има мисија да ја подигнува свеста за нарушувањето кое го има нејзината ќерка, да покаже дека лицата со Даунов синдром се полни со љубов и да ги сруши предрасудите.
„Кога би можела да се вратам назад во времето кога се роди Емили, не би пропуштила ниту една секунда грижејќи се за нејзиниот Даунов синдром.“
„Луѓето постојано ми велат дека им е жал, но за што им е жал?“
„Таа е како сонце, дел од магија која секому е потребна во животот.“
„Откако видов некои мајки како кажуваат што би си напишале себеси по раѓањето на бебето, без инспирирана да напишам што би ми рекла Емили кога би можела.“
Мамо, време е да престанеш да плачеш и да започнеш да се однесуваш како возрасна жена.
Докторите ти рекоа дека веројатно имам Даунов синдром.
Голема работа, тоа е само екстра хромозом. Реално, тоа не е толку голем шок...
Докторите ќе речат некои не толку убави нешта за мене, но не ги слушај. Тие немаат поим.
Можеби имам тежок почеток, но не грижи се, ќе бидам добро и повеќе од добро.
Ќе им докажам на докторите дека грешат. Дека многу грешат.
Почекај и ќе видиш.
Јас сум точно онаа којашто треба да бидам. Можеби не сум она што го очекуваше, но сум токму она што ти требаше. Парчето кое не ни знаеше дека му недостига на нашето семејство.
Ќе те научам на нешта кои инаку не можеш да ги научиш. Луѓето ќе ти велат дека ќе бидам „заостаната“, но заостаната по чии стандарди?
Ќе стигнам со мое темпо, по мои правила, без брзање.
Животот е за уживање и не се мери според тоа што можам да направам и на која возраст ќе го направам.
Ќе ја одберам побавната, но поубава патека и малку повеќе ќе уживаме во нештата.
Знам дека си загрижена за мојата поголема сестричка Ана, но немој да бидеш. Таа ќе биде најдобрата поголема сестра на светот. Една со друга ќе се научиме на многу нешта и ќе бидеме најдобри пријателки. „Двојна неволја“ ќе биде твојот прекар за нас. Таа ќе се грижи за мене, а јас за неа. Тоа е она што го прават сестрите.
Во моментов можеби се однесуваш малку лудо, но само што ме доби, па ќе ги обвиниме хормоните. Ако си исплашена, тажна или загрижена, само погледни ме мамо... гушни ме, бакни ме и сакај ме.
Го можеме ние ова. Ќе го имаме НАЈДОБРИОТ период и набрзо ќе се прашуваш за што беа сите овие грижи.
Мојот екстра хромозом само значи екстра љубов, екстра прегратки, екстра неодоливост... Не нè нарекуваат „малкуте среќници“ залудно.
Набрзо ќе сакаш да викаш на цел глас, да им кажеш на сите, да ги промениш застарените перцепции и однесувања за родителите да не се плашат како тебе. Што е најважно, ќе сакаш да ги промениш нештата за јас и Ана да не растеме во свет каде луѓето се осудуваат и стереотипизираат според тоа колку хромозоми имаат (или немаат).
Ајде да го направиме ова Мамо, да му покажеме на светот дека Дауновиот синдром е благослов и дека дефинитивно нема за што да жалат луѓето.
Изабел го напиша писмото кога Емили имала неколку месеци.