Google го најавува крајот на годината со листите со најпребарувани личности, филмови, серии, песни, рецепти и најразлични термини.
На глобално ниво, најмногу се пребаруваше за ураганот Ирма, а потоа за најновите мобилни телефони на Apple (iPhone 8 и iPhone X). На четврто место е американскиот водител Мет Лауер, кој неодамна беше отпуштен од телевизијата NBC поради сексуално малтретирање на работното место.
Свршувачката со принцот Хари ја постави Меган Маркл на петтото место. Новата припадничка на британското кралско семејство застана и на првото место на листата со актери за кои светот најмногу се интересираше во годината што изминува.
Кај песните, на челните позиции се „Despacito“ од Луис Фонси и Деди Јенки и „Perfect“ и „Shape of You“ од Ед Ширан.
Меѓу музичарите, најмногу се пребаруваше за Адријана Гранде поради масакрот на нејзиниот концерт во Манчестер и за Linkin Park поради смртта на фронтменот Честер Бенингтон.
Сите листи можете да ги разгледате тука.