Почетна » Новости » Занимливости » Македонските ракометарки: „Навивачите секогаш биле наш 7-ми играч во нападот“

Македонските ракометарки: „Навивачите секогаш биле наш 7-ми играч во нападот“

Женската ракометна репрезентација ја враќа навивачката еуфорија во Македонија. Исполнети со борбен дух, ракометарките повторно нè инспирираат да навиваме во еден глас. Младите ентузијастки желни за победи одбројуваат часови пред почетокот на Европското првенство за жени, додека страсните навивачи ги прават последните подготовки пред да загрмат во салата „Чаир“ во Ниш.

Наоружани со оптимизам, мотивираност и решителност, а максимално поддржани од Vip оператор, нашите репрезентативки подготвено ги очекуваат соочувањата со Франција (4 декември), Шведска (6 декември) и Данска (8 декември).

Враќањето на Јулија Николиќ во репрезентативниот дрес дополнително го засили победничкиот дух меѓу енергичните девојки, кои сега позитивно размислуваат за пласман во следната фаза од првенството.

За прогнозите и подготовките за ЕП и нивниот живот надвор од теренот, направивме интервју со три од македонските ракометни хероини – Тања Андрејева, Јулија Николиќ и Билјана Црвенкоска.

Македонските ракометаркиМакедонските ракометарки подготвени за победи

Ви претстојат важни и тешки натпревари. Во силната група Б заедно сме со Шведска и Данска, кои на ЕП 2010 постигнаа забележителен успех, но и со моќната Франција. Какви се твоите прогнози за дуелите со овие репрезентации? Во кои натпревари гледате шанса за победа, а која репрезентација ни е најсериозен противник?

Тања: Сите три репрезентации се исклучително квалитетни. Реално Франција е фаворит во групата, Шведска и Данска имаат изменет и подмладен состав, па тука ја гледам шансата за пласман во следната фаза, кој за нас би бил огромен успех. Не можам да кажам со која репрезентација ќе ни биде најтешко во групата, но едно знам, дека со сите три репрезентации треба да го дадеме својот максимум од нашите можности за да се пласираме во Белград.

Нас нè краси колективната игра и сплотеноста
Тања Андрејева

Јулија: Сите овие репрезентации имаат постигнато добри резултати на првенства, имаме јаки противници, мораме на секој натпревар да покажеме колективна игра, и да се бориме.

Билјана: Европското првенство е многу потешко од светското првенство. На ова натпреварување нема лесна група, каде и да се падневме ќе бевме во тешка група поради нашето отсуство од европската, па и светската сцена, како репрезентација, од 2008 година. Следуваат тешки натпревари. Ние нема да се откажеме и се надеваме на пласман во следниот круг во Белград. Франција е една навистина квалитетна репрезентација која ќе оди на медал и е претставена како фаворит во нашата група. Во квалификациите ја победивме на домашен терен што покажува дека не е непобедлива, меѓутоа ќе биде навистина тешко. Јас мислам дека имаме поголеми шанси за победа со репрезентациите на Данска и Шведска и со тоа да заминеме во втората фаза.

Селекторот Стрезовски неодамна изјави дека успехот на квалификациските натпревари се должи на колективната игра, а капитенот Андрејева призна дека од поодамна не сте биле така сплотени – еден за сите, сите за еден. Каква е атмосферата во вашиот тим пред заминувањето за Србија?

Тања: Тоа е точна констатација од страна на селекторот, дека нас нè краси колективната игра и сплотеноста. И покрај трите порази на Турчин купот во Украина (во кој не настапуваше Јулија Николиќ), кај нас е присутна позитивната атмосфера и желбата за победи. И секако, поддршката од Vip, официјалниот партнер на македонскиот ракомет.

Јулија: Атмосферата е одлична, работиме максимално, и се надевам дека така ќе продолжиме да играме сплотено, и да си помагаме во играта една на друга.

Билјана: Атмосферата во репрезентацијата е како и секогаш одлична. Ние сме заедно како тим повеќе години и добро се познаваме како на теренот, така и приватно. Така да од таа гледна точка нема никаков проблем. Секогаш сме биле компактни и се надевам дека секогаш ќе останеме, затоа што после долго време Македонија ќе настапува без натурализирани Македонки, а таа позитивна атмосфера секако дека се одразува и врз нашата игра.

Билјана ЦрвенкоскаБилјана Црвенкоска

Холандија неочекувано се откажа од улогата на домаќин на ЕП, па честа да го организира првенството ѝ припадна на соседна Србија. Поради близината на Ниш, каде ќе ги одиграте првите натпревари, се очекува да добиете силна поддршка од македонските фанови. Сметаш ли дека промената на земјата домаќин ни ги зголеми шансите за поголем успех? Колку бодрењето од трибините ти влијае на мотивацијата?

Ќе ни биде многу потребна поддршката на навивачите, затоа што тие секогаш биле наш 7-ми играч во нападот
Билјана Црвенкоска

Тања: Секако дека повеќе ни одговара Србија. Ако се присетиме на атмосферата која ни ја приредија нашите навивачи на ЕП за мажи, кое исто така се одржа во Србија, и доколку би била слична и за нас, можеме да кажеме дека Србија е земјата која најмногу ни оди во прилог за одржување на едно ЕП (нормално, освен Македонија :)).

Јулија: Многу поголема мотивација имаш кога те поддржува твојата публика, мислам дека тоа ќе ни помогне многу, ќе осеќаме како да имаме на терен уште еден играч плус.

Билјана: Да се игра пред полна сала навивачи е дополнителен мотив за секој играч. На нас како репрезентација ќе ни биде многу потребна поддршката на навивачите, затоа што тие секогаш биле наш 7-ми играч во нападот. А 8-ми? Би рекла дека тоа е Vip, официјалниот партнер на македонскиот ракомет.

Што би им порачала на верните навивачи?

Тања: Доколку имаат средства и можности, да дојдат во Ниш и да ни дадат максимална поддршка од трибините (да бидат нашиот 8-ми играч).

Јулија: Да навиваат со срце како и секогаш. Да веруваат во нас, како што верува и нè поддржува Vip, официјалниот партнер на македонскиот ракомет.

Билјана: Никогаш да не се откажуваат од нас и дека ние веруваме во нив. Треба и тие да веруваат силно во нас и да дојдат во што поголем број. Се надевам дека ќе им донесеме големо задоволство и радост.

Имаш ли посебен ритуал за среќа пред излегувањето на теренот?

Тања: Имам, но тоа ќе го задржам за себе.

Јулија: Немам никаков ритуал. Си седам и се концентрирам пред натпревар.

Билјана: Јас сум прилично суеверна девојка. Немам многу ритуали, меѓутоа пред натпревар ја облекувам секогаш левата па десната патика и кога ќе влеземе на теренот, секогаш влегувам со десна нога.

Како ги поднесуваш поразите, а како ги прославуваш победите?

Многу поголема мотивација имаш кога те поддржува твојата публика
Јулија Николиќ

Тања: Како и секој спортист, поразите многу тешко ги поднесувам, меѓутоа таков е спортот, мора да има и победи и порази. Победите ги прославувам со најблиските.

Јулија: Никој спортист не сака да губи, ама ова е спорт, некој губи, некој слави победа. После победа никогаш не осеќаш умор, и сакаш да прославиш со колешки и блиски за тебе луѓе.

Билјана: Мислам дека секој победата ја доживува со голема радост, па така и јас. Секој сака да победи. Кога ќе се изгуби некој натпревар, се чувствувам најчесто нервозна и сум премногу самокритична. Тешко поднесувам пораз, меѓутоа по некое време се соочувам со вистината.

Кога сфати дека сакаш професионално да се занимаваш со ракомет?

Тања: Јас ја имав таа среќа да бидам дел од еден професионален клуб што ме поттикна да останам професионалка до ден денес.

Јулија: Сфатив дека сакам да се занимавам професионално кога татко ми ме однесе на првиот тренинг кога имав 6 години.

Билјана: Јас почнав да тренирам од свои 10 години. Гледајќи ги постарите ракометарки како се натпреваруваат во Лигата на шампионите пред полна сала, посакав и јас да бидам дел од тој свет. И еве, после долги години ми се оствари.

Ако не беше ракометарка, која професија би била твој прв избор?

Тања: Доколку не би била ракометарка, би била кошаркарка.

Јулија: Да не бев ракометарка, би станала уметник. :) Многу сакам да цртам и мислам дека тоа го правам добро.

Билјана: Кога не би се занимавала со ракомет, мислам дека би била адвокат. Не се помирувам со неправдини, а мислам дека сум секогаш во право и сакам да ги убедам и другите во тоа :).

Доколку би била принудена да го напуштиш теренот засекогаш, што би ти недостигало најмногу?

Тања: Би ми недостигале многу работи и не знам како ќе го поднесам тоа.

Билјана: Се надевам дека нема да биде во скоро време, меѓутоа најмногу ќе ми недостасува адреналинот и поддршката од навивачите, а секако да не заборавам и дружбата со колешките, односно другарките од репрезентацијата.

Македонските ракометарки

Која животна лекција ја научи благодарение на ракометот?

Тања: Со упорност и со поставена цел, шансите за успех се неминовни.

Билјана: Не е секогаш подобриот во предност.

Што те прави најсреќна?

Тања: Најсреќна ме прави мојот внук Марио, со кого најчесто го поминувам слободното време.

Јулија: Мојата фамилија.

Билјана: Многу работи ме прават среќна и многу мали работи ме прават среќна, а најмногу од сè времето поминато со мојот внук Горазд, со кој поради интернационалната кариера поминував многу малку време.

Кои квалитети треба да ги поседува еден маж за да го освои твоето внимание?

Тања: Пред сѐ, треба да знае да ме почитува, сака, да биде искрен со мене и да ми дава поддршка во сè.

Јулија: Да има смисла за хумор, да биде внимателен, да биде комуникативен.

Билјана: Сакам маж со смисла за хумор, интелигентен, искрен, способен да сака, почитува и цени.

Каква порака би упатила до претставничките на понежниот пол во Македонија?

Тања: Секогаш да си ја бранат честа и достоинството.

Јулија: Би пожелила сите да бидат среќни, здрави и сакани.

Билјана: Да веруваат секогаш во себе, да бидат полни со надеж затоа што ништо не е невозможно.

Ајде сите да се вклучиме во големиот навивачки тим!

Напред, девојки! Напред за Македонија!

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 14%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 21942 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.