Проектот Книготека Македоника што го реализира Фондацијата за негување на македонското културно наследство Македоника (www.makedonika.mk) официјално постои од ноември 2013 година.
За 200 дена Македоника успеа да објави 225 бесплатни книги за своите читатели. Сите книги се од македонски автори, напишани во различни периоди од македонската литература; почнувајќи од преродбеници, преку повоени класици до наши современици.
Во истиот период на сајтот на Македоника се регистрирани повеќе од 22.000 читатели кои секојдневно добиваат минимум по една бесплатна книга. Едноставноста и можноста омилениот наслов (или автор) да го ставите во Вашата лична библиотека „Мои книги“ ја прави оваа платформа посетувана од многу Македонци независно од тоа каде живеат во светот.
Изминатите два месеца се рекордни по бројот на прочитани книги на Македоника. Дневниот „тираж“ се движи помеѓу 600 и 700 „примероци“. Со ова се помина границата од 85.000 книги за шест месеци со што Македонија ја доби најголемата е-библиотека во регионот.
Концептот на бесплатност и достапност на овие дела и автори направи Македоника да прерасне и во најголема издавачка куќа во Македонија. Мотото „Книга на ден“ е надминато и предвидувањата се дека за првите 365 дена ќе бидат објавени повеќе од 500 наслови.