Мајките би направиле сé за своите деца, но честопати и децата даваат сé од себе за да ја усреќат жената која ги родила.
Кога Мелани Шаха од Аризона ја изгубила косата како последица на лекувањето со зрачење, нејзиниот син знаел што треба да направи. Цели две години тој ја растел својата коса, а откако ја достигнал посакуваната должина, ја донирал за перика за мајка си.
Мелани првпат дознала дека има бениген тумор на мозокот во 2003 година. Таа имала чести главоболки кои се покажало дека се последица на бениген тумор на хипофизата. Туморот бил оперативно отстранет, но за жал, тој се вратил во 2006 година и таа морала да помине низ уште една операција за отстранување на истиот.
Третпат туморот се вратил во 2017 година и докторите ѝ препишале радиотерапија.
„Го прашав докторот дали ќе ја изгубам косата и тој ми рече дека нема. Три месеци подоцна, започнаа да ми паѓаат големи прамени и почнав да ја губам косата. Се изненадив. Кога немаш коса се издвојуваш од другите и дури и добронамерните луѓе можат да кажат нешта кои ти го кршат срцето. Не ми пречи да сум болна, но ми пречи да изгледам болно. Претпочитам да сум дел од толпата и да не се издвојувам додека пазарам“ – рекла Мелани.
Во 2018 година нејзиниот син Мет добил идеја да ја порасне неговата коса и до март оваа година тој имал прамени со должина од 30 сантиметри. Откако ја истрижал, ја испратил во компанија за правење перики и ѝ ја исполнил желбата на мајка си да има коса.
„Уште поспецијално е кога некој несебично ќе си ја избричи главата за член од семејството. Бојата е спектакуларна, а Мет рече дека одлично ми прилега“ – додала Мелани.