Мартин Косовац стигна до посакуваната победа во четвртата сезона на хрватскиот „The Voice“.
18-годишниот матурант со секој свој настап ја освојуваше публиката и во финалето доби 88.504 од вкупно 138.000 гласови.
Мартин стана вирален хит не само во Хрватска, туку и во регионот, откако ја отпеа песната „Tvoja zemlja“ од Вице Вуков и разбуди силни емоции кај сите што го слушнаа.
Љубовта кон музиката, талентираното момче ја наследило од татко си, кој е инструменталист. Всушност, токму тој постојано го убедувал Мартин да се пријави на шоуто.
Мартин пее од 5-годишна возраст, а дури сега неговиот талент си го пронајде патот кон успехот, кој тој не дозволува да го промени како личност.
„Не сум се променил и мило ми е поради тоа. Не е добро да се менуваш поради славата, треба секогаш да останеш ист“ – вели Мартин.