Британката Лив Боери успеа да победи 1240 натпреварувачи во голем покер турнир одржан во Сан Ремо и ја освои наградата од 1 250 000 евра.
25-годишната манекенка и водителка стана третата жена која некогаш има победено на ваков голем покер настан од 2004 година, кога за прв пат започна да се организира European Poker Tour (EPT).
Интересното е што Лив започнала да игра покер само пред 4 години, а професионално се занимава со покер од 2008 година. Порано била водителка на големото натпреварување EPT, но отсекогаш имала желба да седне и да игра.
Убавата победничка, наречена „Iron Maiden“ поради тоа што обожава метал музика, учествува во големото финале на EPT кое започна денес во Монте Карло.
Изгледот на Лив не е причина за нејзината победа, туку логичкото мислење. Таа завршила астрофизика на Универзитетот во Манчестер и била меѓу најдобрите во својата генерација. Смета дека токму тоа ѝ помогнало да биде толку успешна.
„Да имаш диплома по астрофизика помага во играта, затоа што те прави аналитичен и те тера да мислиш логички. Сепак, сè е во бројките“ – изјавила Лив.
Во изминативе три години Лив освоила нешто повеќе од 2 милиони евра на турнири низ Америка, Европа и Австралија и сега го зазема 9-тото место во лигата на врвни покер играчи.
И покрај големиот успех, таа сè уште живее во мало село со својата мајка и татко и секогаш рационално ги троши парите.