Познат српски гастроентеролог го искажа својот став поврзан со доењето и намалувањето на лактацијата кај мајките. Според професор д-р Војислав Перишиќ, причините за „снемувањето млеко“ честопати се од психолошка природа и се поврзани со стресот. Поради тоа, кога тој ќе слушнел мајка како се жали дека нема млеко, тој прво разговарал со таткото.
„Причините за тоа што мајките немаат млеко, секогаш се од психолошка природа. Мораме да ја разбереме мајката-доилка. Доењето е света должност на секоја мајка. Тоа е инкарнација на онаа убавина на живеењето покрај мајка. Сепак, мораме да ја сфатиме мајката која вели: ‘Имам сè помалку млеко, бебето не ми е задоволно’“ – вели Перишиќ.

На прашањето кои хормони влијаат на лактацијата, професорот набројал два хормони – пролактин и окситоцин.
„Пазете, тоа е еден многу интересен процес. Бебето е на дојката, спремно за да цица. Невралниот сигнал со таа информација оди во хипофизата и мозокот започнува да ги лачи тие два хормони кои влијаат на млечната жлезда. Големината на градите нема никаква врска со продукцијата на млеко. Тоа го може секоја мајка“ – вели тој.
Перишиќ е категоричен дека најголемиот проблем е стресот.
„Јас на моите студенти им велам вака – кога ќе дојде мајката дома, таа мора да биде добра мајка, да го дои бебето и тоа да напредува. Мора да биде и добра сопруга, добра снаа, мора да прими гости. И сега, одеднаш, таа мајка има толку обврски што не знае на која прво да одговори. Мора прво да одговори на најважното барање – млеко за бебето. Мајката мора да се опушти, да се одмара и физички и психички, затоа што стресот кај мајките е главниот фактор кој го предизвикува намалувањето на млекото“ – рекол докторот.
Како што тврди тој, кога некоја мајка ќе му се пожали дека го губи млекото, тој прво разговара со таткото.
„Јас тогаш го тргам на страна и фино му кажувам – ти работи сè по дома, сè преземи на себе, да може мајката да се опушти, да биде со бебето и да дои“ – вели тој.

„Мајката-доилка е закон“ – додава професорот.
„Во мајчиното млеко постои нешто што не постои во ниту една млечна формула, а тоа е антителото кое инаку се наоѓа во крвта, секреторниот IgA. Во еден милилитар мајчино млеко има сто пати повеќе леукоцити отколку што има во крвта – дури милион. Кога тие ќе влезат во дигестивниот систем на детето, успешно го бранат. Во таа смисла, тоа е моќно биолошко средство за одбрана на дигестивниот систем“ – вели Перишиќ.
