На Tumblr се појави фотографија од вечерен фустан кој ги збунува луѓето кои ја виделе и отвори забавна дебата за неговата боја. Додека едни жестоко тврдат дека фустанот е бел со златно, други се убедени дека тој е индиго син со црно.
Како го гледате вие фустанот?
Дебатата започнала кога една мајка ѝ испратила на ќерка си фотографија од фустанот кој сакала да го носи на нејзината свадба. Кога невестата му ја покажала фотографијата на својот иден сопруг, тие започнале да спорат за бојата на фустанот. Истото се случило и кога таа им ја покажала фотографијата од фустанот на своите пријателки. Дебатата продолжила онлајн откако невестата ја објавила фотографијата на Facebook.
Тогаш, Кејтлин МекНил, која свирела во бендот на свадбата, решила да ја сподели фотографијата на Tumblr. „Луѓе, ве молам помогнете ми. Дали фустанот е бел со златно или син со црно? Јас и моите пријатели не можеме да се согласиме“ – пишувало под фотографијата. Така фотографијата стана вирален хит.
Мнозинството се убедени дека фустанот е бел со златно. Некои луѓе прво го гледаат фустанот како бело-златен, а подоцна, кога ќе се навратат на истата фотографија, го гледаат како сино-црн.
Кејтлин не се сомнева каква е бојата на фустанот, затоа што таа веќе го видела во живо на свадбата на нејзината пријателка. „Бев на свадбата и мајката го носеше фустанот. Очигледно тој беше син со црно“ – рекла таа во интервју за Business Insider.