Почетна » Новости » Занимливости » Голем натпревар на млади соло пејачи и гала концерт со реномирани изведувачи во организација на Ротари Клуб – Битола

Голем натпревар на млади соло пејачи и гала концерт со реномирани изведувачи во организација на Ротари Клуб – Битола

Ротари клубот - Битола со поддршка на Општина Битола организира голем натпревар за млади соло пејачи, со цел поддршка на високата уметност и стимулирање на младите уметници. Истиот ќе се одржи во Државното музичко училиште на 2 март од 10 до 16 часот, а влезот е слободен за сите љубители на класичната музика.

Натпревар и гала концерт

На натпреварот, инаку, ќе учествуваат 30 солисти од средните музички училишта на ниво на Македонија, кои ќе се натпреваруваат во 2 категории, односно прва категорија од 14 до 16 години со изведбена програма на Композиција од стари мајстори и Соло песна по избор и втора категорија од 17 до 19 години со изведбена програма на Композиција од стари мајстори, Соло песна по избор и Оперска арија.

„Нашата Ротари заедница од секогаш давала поддршка на високата уметност, па така и овој пат, сакаме да дадеме придонес за културниот развој на нашиот град, за што имаме и целосна поддршка од општина Битола. Ротари Клуб – Битола ја согледа потребата на младите ученици и недостатокот на можности за нивно претставување пред јавноста, па се одлучи да го организира овој натпревар, пред сѐ поаѓајќи од фактот дека класичната музика и операта помеѓу младината сѐ повеќе го губат својот примат. Наша искрена мисија е овој натпревар да се развива и да трае многу години, со цел да прерасне во битолски белег и бренд на градот и на државата“, изјави Драган Видановски, претседател на Ротари Клуб – Битола.

Натпреварувачите ќе бидат оценувани од жири комисија сочинета од реномирани и етаблирани изведувачи и солисти со Европско реноме. Претседател на жири-комисијата е Иванка Нинова, мецосопран од Р. Бугарија, еминентна оперска пејачка која во Националната опера, каде активно учествува во репертоарот на театарот. Таа има учествувано и во бројни светски оперни театри и меѓународни фестивали, а нејзината успешна кариера ја красат и бројни признанија и награди, меѓу кои и престижни награди за најдобар мецосопран, музичар на годината, значаен придонес во руската култура итн.

Натпревар и гала концерт

Останати членови на жири-комисијата се Елвира Хасанагич, сопран од Р. Словенија /Германија, која е прогласена за „најмлада оперска пејачка за 2017 година“; потоа Марко Коловски од Р.Македонија, кој во 2018 година е добитник на наградата „Трајко Прокопиев“ за животно дело во областа на музичкото творештво и музикологијата, како и добитник на наградата на град Скопје „13 ноември“ за посебни достигања во областа на културата и Алдо Кумар, автор и композитор од Р. Словенија чиј музички опус опфаќа хорска, соло, камерна, вокална и инструментална, театарска и филмска музика.

„Голема благодарност до гувернерот Janezx Lipec и Ротари Дистрикт 1912 Словенија и Македонија, како и за поддршката што ја добивме од општина Битола. Навистина сме почестени што вака реномирани уметници ќе ја посетат нашата земја, а дотолку повеќе што ќе имаме прилика да ги слушнеме сите на заедничка сцена на големиот гала концерт кој го подготвуваме. Убедена сум дека преку овие два настани, натпреварот за соло пеење и гала концертот, ќе успееме да воспоставиме високи критериуми на принцип на вистински вредности, а пак на градот Битола барем за еден ден да му ја вратиме старата конзулска традиција и магијата на класичната уметност“, изјави Марина Коруновска, оперска пејачка и професор во Државното средно музичко училиште во Битола, која воедно е и координатор на настаните.

Инаку, за првите 3 места се обезбедени и парични награди, во висина од 50 до 200 евра кои се наменети за учество на меѓународни фестивали и натпревари, во договор со жири комисијата, а истите ги обезбедува компанијата Бимилк, која е поддржувач на овој проект, со цел поддршка и развој на млади и успешни луѓе.

Врвни солисти од Македонија и регионот на заедничка сцена на голем гала концерт

Истиот ден, 2 март (сабота), со почеток од 20.00 часот, повторно во организација на Ротари клубот – Битола, со поддршка од Општина Битола, во Народниот театар во Битола ќе се одржи и голем гала концерт, на кој покрај веќе етаблираните изведувачи, ќе настапат и наградените ученици од Натпреварот на млади соло пејачи.

Натпревар и гала концерт

На концертот настапуваат Иванка Нинова, мецосопран од Р. Бугарија, Елвира Хасанагич, сопран од Р. Словенија /Германија, Алдо Кумар, автор и композитор од Р. Словенија, како и реномираните солисти од Македонија, Маја Митровска - сопран, Марина Коруновска - мецосопран, Александра Коцевска - мецосопран, Александра Јанковска - пијано, Јана Четелева Белевска - пијано и Александар Гацовски – тенор.

Ова е исклучителна можност на една заедничка сцена да се слушнат волку еминентни и звучни имиња од класичната уметност, кои веќе го достигнале зенитот во својата музичка кариера. Ротари Клуб – Битола ги поканува сите љубители на класичната музика на вистинско, големо уживање за сите сетила.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19705 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.