Мајка со големо срце се запиша во Гинисовата книга на рекорди.
Алис Оглтри од Тексас има донирано 2.645 литри мајчино млеко, коешто се проценува дека е доволно за да се нахранат 350.000 предвреме родени бебиња.
„Имам големо срце, но не можам да донирам пари во добротворни цели, бидејќи имам семејство кое треба да го издржувам. Но, донирањето млеко отсекогаш ми беше начин да помогнам“ – рекла таа за Гинис.
Алис е мајка на три деца и еднаш има носено дете како сурогат-мајка.
„Кога нашето прво дете Кајл беше во болница, започнав да го полнам фрижидерот на медицинските сестри. Една од сестрите ме праша дали донирам млеко, што дотогаш не знаев дека постои, па така дознав за тоа“.
„Донирав сè што имав на залиха... Тоа е едно од најдобрите чувства на светот“ – рекла таа.
Најголем дел од донацијата на Алис била за Mothers’ Milk Bank во Северен Тексас и за Tiny Treasures во Калифорнија. Од банките за млеко ѝ кажале дека само еден литар мајчино млеко може да помогне да се прехранат 11 предвреме родени бебиња.
„Сум им помогнала на 350.000 бебиња“ – рекла Алис.
И по следните три бремености, Оглтри го направила истото хумано дело. „Бев возбудена за повторното донирање додека го зголемував моето семејство“ – рекла таа.
Ова е вторпат Алис да се запише во Книгата со рекорди. Првиот пат нејзиното име се појави во книгата во 2014 година, кога таа имаше донирано 1.569 литри.
Таа сака да го искористи овој момент на слава за да ја подигне свеста за важноста на донирањето млеко и да потенцира колку жените можат да им помогнат на мајките и нивните бебиња.
Алис нема поставена дијагноза која би ја објаснила нејзината состојба на прекумерна продукција на млеко. Таа верува дека тоа се должи на добрата хидратација и здравата исхрана.