Мајчинските инстинкти се многу силни. Двегодишното куче Моли е доказ за тоа. Американскиот булдог посвои четири мали мачиња кои останале без својата мајка.
Само шест недели по раѓањето на мачињата, нивната мајка била прегазена и тие останале без неопходното млеко за растење... сè додека мајчинските инстинкти не го натерале кучето Моли да ги прими мачињата како свои деца и да започне да ги храни со млеко.
Моли е зафатена мајка. Таа има три малечки кученца, кои биле родени само еден ден пред мачињата. Сопственикот на животните кои оформиле несекојдневна врска, Елберт Бристоу, вели дека бил изненаден од постапката на Моли.
„Тие седат со неа 5-10 минути. Таа легнува, и им дозволува да се нахранат. Многу е невообичаено. Тие се природни непријатели. Повеќето кучиња не можат да поднесат мачки“ – изјавил 84-годишниот Американец.
Мачињата ја следат Моли насекаде, исто како да е нивна мајка. „Цел живот чувам кучиња. Но, првпат имам куче кое прифаќа мачиња“ – дополнил зачудениот сопственик.