„Не може да ти недостига нешто што никогаш не си го имал“ – изјавила Канаѓанката Вајолет, пред заедно со нејзиниот сопруг да го подарат секој цент од нивната добивка на лотарија.
Ален и Вајолет Ларџ од Канада добиле на лотарија 11,2 милиони долари и откако се погрижиле за своите семејства, решиле парите да ги подарат на пријатели, добротворни организации и болници.
Задоволни од своето големо добро дело, тие се согласиле дека најважно им е што се заедно. „Парите кои ги добивме беа ништо. Се имаме еден со друг“ – изјавил 75-годишниот Ален.
Кога во јули ја освоиле добивката, Вајолет се лекувала од рак и се плашеле дека ќе бидат искористени од нечесни луѓе. Подоцна 78-годишната Вајолет била оперирана и пред една седмица го завршила лекувањето со хемотерапија.
Како знак на благодарност, голем дел од парите им подариле на болниците во Нова Скотија.
Вајолет и Ален, кои се во брак 36 години, во 1983г. се пензионирале и се преселиле од Онтарио во Труро, Нова Скотија за да водат помирен живот. Денес тие се пресреќни што имале можност да направат вакво добро дело кое ќе им помогне на многу луѓе.
„Тоа нè направи да се чувствуваме одлично. И толку многу добро беше направено со тие пари. Ние сме среќниците“ – изјавила Вајолет.