Според новата листа на Форбс за најбогатите луѓе во САД, богатите стануваат уште побогати, затоа што вкупното богатство на 400-те милијардери кои се наоѓаат на листата се зголемило со 8% во споредба со минатата година.
Бил Гејтс се најде на првото место со проценето богатство од 54 милијарди долари, по една милијарда за секоја година од неговиот живот. Основачот на Microsoft е и најдарежливиот човек на планетата. Досега тој има донирано 28 милијарди долари. Најголем дел од тие пари ги донира преку фондацијата која ја има со неговата жена Мелинда.
Добриот пријател на Бил Гејтс, инвеститорот Ворен Бафет, се најде на второто место на листата со богатство од 45 милијарди долари. Третото место му припадна на Лари Елисон, кој поседува 27 милијарди долари.
Дури четири членови на семејството Волтон се најдоа во топ 10 најбогати луѓе во Америка. Нивното богатство доаѓа од синџирот маркети Вол-Март.
Најмладите милијардери на листата се основачите на социјалната мрежа Фејсбук, Марк Цукерберг и Дастин Московиц. Марк се наоѓа на 35-тото место со богатство од 6,9 милијарди долари, а Дастин со 1,4 милијарди на 290-тото.