Многу баби и дедовци со задоволство ги чуваат внучињата, но знаејќи колку се ниски примањата на пензионерите, хрватскиот град Самобор одлучи да им плаќа за да се грижат за нив.
Овој иновативен пристап е дел од иницијативата наречена „Baka-djed servis“ (Баба-дедо сервис) и ќе се исплаќа месечен надомест од 360 евра. Одлуката има за цел да ги поддржи старите лица и да обезбеди финансиска помош за чување на малите деца без да се оптоваруваат семејствата.

Надоместот ќе биде достапен за пензионери кои ќе ги чуваат своите внуци на возраст до 4 години, а основниот услов е детето да не биде запишано во детска градинка. Првите исплати ќе бидат во април.
Оваа мерка е позитивен потег за поддршка на меѓугенерациската солидарност, а истовремено им овозможува на родителите да продолжат со своите обврски, знаејќи дека децата се во сигурни раце на нивните баби и дедовци.

Иницијативата на прес-конференција ја претстави градоначалничката на Самобор, Петра Шкробот, а беше поддржана од најголемиот дел од граѓаните. Петра истакна дека се користи скандинавски модел прилагоден на тамошната ситуација и потреби и дека оваа посебна мерка треба да има повеќекратни ефекти.
„Клучно е, со оглед на тоа што знаеме каква е состојбата и колку се ниски пензиите на нашите баби и дедовци, тоа позитивно ќе се одрази на нивниот буџет, а важно е да се нагласи дека Градот Самобор интензивно работи на градење на капацитетите на градинките и во овој мандат ја градиме нашата трета градинка“ – рече Петра.
Се смета дека оваа одлука може да послужи како модел за други градови во Хрватска и пошироко, нудејќи нов начин за решавање на прашањето на чување на децата и поддршка на постарите луѓе.
