Проектот „WE MAKE: Женско претприемништво за конкурентност“ успешно се реализира во осумте плански региони. Финансиран е од Европската Унија, преку ИПА програмата, со период на имплементација во текот на 2018 година, сѐ до април 2019 година.
Организациите спроведувачи, ГТФ Иницијативата за одржлив раст од Хрватска и Здружението на бизнис жени, активно реализираат голем број активности, во повеќе фази, со постоечки и нови општествени партнерства, заедно со сите релевантни и засегнати чинители, за подобрувањето на конкурентноста на младите жени и девојки, во избраните општини, од осумте плански региони, каде проектот се реализира: Битола, Струга, Велес, Тетово, Куманово, Штип, Струмица и Скопје.
Последната реализирана активност, во рамки на проектот „WE MAKE: Женско претприемништво за конкурентност“, беше тридневната работилница за кластери, во Струга, од 13 до 15 март 2019 год. Присутните 15 жени од 8-те плански региони, во одлична атмосфера за вмрежување, стекнаа знаења и информации, а преку излагањата на присутните гости, експерти и предавачи, се здобија со појасна слика за можностите за извоз и предностите на кластерско здружување.
На работилницата беа присутни 4 ангажирани експерти за регионална соработка и извоз, кои од аспект на земјата од која доаѓаа, споделија искуства и препораки за извозните постапки, за жените претприемачки од Р.С. Македонија. Експертите за извоз беа од Бугарија, Грција, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Исто така, во поглед на искуствата со кластери за женско претприемништво од Хрватска, свој придонес даде и претставничката на партнерската организација ГТФ Иницијатива за одржлив раст.


Покрај наведените, како гости кои споделија искуства, за кластерско работење и извоз беа и претседателките на националниот текстилен кластер и кластерот за туризам. Многу нови идеи и можности, како и можности за поврзувања и вмрежувања, беа придобивка за присутните учеснички, кои активно партиципираа, со прашања, отворени предлози и заедничко настојување успешно да се воспостави националниот кластер за женско претприемништво, за извоз, за заеднички настап и делување, пред се на странските пазари, но и во земјата, во однос на постоечките политики и мерки. Секако, постапката за формирање на првиот национален кластер за женско претприемништво, по примерот и моделот на кластерското поврзување на женските бизниси во Хрватска, ќе биде продолжена од страна на Здружението на бизнис жени и по завршување на проектот, со оглед на придобивките и интересите, кои со тоа ги имаат жените претприемачки.
Генерално, во рамките на проектот, во изминатите 15 месеци, се одржаа повеќе од 70 промотивни и едукативни настани, округли маси и работни состаноци, во 8-те плански региони, во присуство на повеќе од 1.400 учеснички од целната група, како и повеќе од 300 претставници од општините, институциите, граѓанскиот сектор и бизнис заедницата.
За „WE MAKE“, во пошироките рамки на проектни активности, се подготвија и снимија 8 кратки филмови со успешни жени претприемачки, а во функција е поставена и активна WE MAKE веб платформа, предвидена за вмрежување, промоција и полесна соработка на жените претприемачки, со можност да се вклучат и поврзат, преку отворање на свој профил, да се промовираат, да пристапат до базата на жени претприемачки, ментори, консултанти, онлајн обуки, и сите споделени информации и тековни активности.


Мотивирачките филмови на YouTube каналот на проектот WE MAKE MK, се на следниот линк: https://www.youtube.com/channel/UC0GSxBQCJvA0by-XbUpTHLA/videos
А за WE MAKE веб платформата за вмрежување, регистрацијата на линкот:
Повелете, приклучете се на WE MAKE веб платформата - за повеќе информации и контакти, за промоција, вмрежување и економско јакнење. Ве очекуваме!
Здружението на бизнис жени и 2019 година ја продолжува работно, со имплементација на преостанатите активности од проектот, иако воочи Април 2019, проектот WE MAKE е на прагот на своето финализирање. Освен регуларното затворањето на проектот со завршна презентација за сработеното, пред партнерите и сите вклучени стејкхолдери, за реализираните активности и постигнати резултати во 2018/19, предвидена е и Свечена церемонија за доделување на WE MAKE награди, тематски поврзани со активностите и обуките во рамки на проектот. За таа цел на 14.03.2019 беше објавен Конкурс за доделување на награди за најдобри жени претприемачки во неколку категории.

Доделувањето на наградите се планира да биде на свечен настан во месец Април, 2019. Наградите кои ќе се доделуваат, се во следните категории:
- Start up компанија
- Иновативна компанија
- Агро бизнис
- ИКТ и СТЕМ
- Зелена економија
- Експорт
- Компанија со најголем успех основана од млади (до 30 години)
- Компанија со најголем успех во изминатата година
- Социјално претпријатие.
Линк за пријавување и повеќе информации за Конкурсот за награди за WE MAKE претприемачки: https://www.facebook.com/events/2231014440493758/
За сите понатамошни активности и информации, следете нѐ на линковите на проектот:
https://www.facebook.com/WE-MAKE-Women-Entrepreneurship-for-Competitiveness-180063836052297/
и на Facebook страната на Здружението на бизнис жени:
https://www.facebook.com/AssociationofBusinessWomenMacedonia/