Во куќата на семејството Данстен никогаш не е здодевно. Шест дечиња ја развеселуваат атмосферата и понекогаш ги полудуваат родителите.
Клои Данстен редовно споделува фотографии од динамичното секојдневие на Instagram. Неа будно ја следат речиси 300 илјади лица, кои непрекинато ѝ даваат поддршка.
23-годишната Австралијка е мајка на 6 деца родени во период од 3 години, која во последната бременост морала да донесе тешка одлука – дали да ги роди сите три бебиња кои ги носела во утробата во 28 недела или да дозволи да ја изгуби ќерката, а двата сина да ги износи до терминот за породување.
Клои избрала да им даде на сите свои бебиња шанса за живот и се породила со царски рез на 3 јули минатата година. Хенри тежел речиси 1,4 кг, Руфс 1,2 кг, додека малата Перл имала само 690 грама и била во најлоша здравствена состојба.
По 11-неделен престој во болница, младата мајка и сопругот ги одвеле своите три бебиња дома.
Клои вели дека ја боли и самата помисла да ја нема во својот живот малечката ќерка и дека не жали за одлуката. „Чувствувам вина што морав да ги родам порано синчињата кога напредуваа одлично во утробата. Но, ако не го направев тоа, Перл ќе умреше, затоа никогаш нема да жалам за одлуката“ – рекла таа.
Сите шест деца на Клои се под 5 години.