Единаесетгодишно девојче од Парагвај, кое било силувано од својот очув, роди женско бебе откако му беше забрането да абортира.
Бебето било родено со царски рез. Директорот на „Црвен Крст“ во Асунсион потврдил дека девојчето и новороденчето се во добра здравствена состојба.
Случајот ја шокира јавноста во мај годинава, кога министерот за здравство Антонио Бариос го одби барањето за абортус, потпирајќи се на строгите закони за прекинување на бременоста во Парагвај.
Девојчето било силувано на 10-годишна возраст од својот очув. Бременоста била потврдена во април, кога мајката го однела девојчето на болница откако тоа се пожалило на болки во стомакот. Мајката била веднаш уапсена за негрижа и соучество, а подоцна бил уапсен и очувот на девојчето.
Мајката барала девојчето да абортира и ја добила поддршката од повеќе организации, меѓу кои и „Amnesty International“. „Физичките и психичките последици од присилувањето на ова младо девојче да ја продолжи непосакуваната бременост се изедначува со тортура“ – пишува CNN, цитирајќи ја Гвадалупе Маренго од „Amnesty International“.
И покрај сите предупредувања дека девојчето е изложено на ризик поради возраста, властите не дозволиле абортус. „Ние сме целосно против прекинување на бременоста. Девојчето добива помош перманентно во прибежиште, а бременоста напредува нормално без проблеми“ – изјавил министерот Бариос во мај.
Парагвај има особено строги закони за абортус. Абортирањето е дозволено само кога бременоста го загрозува животот на мајката.
Според извештај на Обединетите Нации, секоја година се породуваат над 2 милиони девојчиња под 14 години, а многу од нив имаат здравствени последици од бременоста на рана возраст. Околу 70.000 адолесцентки умираат годишно поради компликации од бременост.