Ненси Реган, сопругата на поранешниот претседател на САД Роналд Реган, почина на 94 години. Како причина за смртта се наведува конгестивна срцева слабост.
Во 40-тите и 50-тите години на минатиот век Ненси беше холивудска актерка. Во 1952 година се омажи за Роналд Реган, кој победи на претседателските избори во 1980 година.
„Кога велам дека мојот живот започна со Рони, тоа е вистина“ – изјавила таа во интервју за Vanity Fair.
Како една од највлијателните први дами на САД, таа е позната по приврзаноста кон сопругот и по кампањата против наркотици „Едноставно Кажи Не“.
По обидот за атентат на Роналд, Ненси ретко се разделуваше од својот сакан и беше негов најголем заштитник. Нивниот брак траеше 52 години. И откако на Роналд му беше дијагностицирана Алцхајмерова болест во 1994 година, таа посветено се грижеше за него сè до неговата смрт во 2004 година.
Ненси беше особено активна во борбата против наркотиците. Со големата кампања „Едноставно Кажи Не“, таа се фокусираше на превенирање на употребата на наркотици кај младите.
Сепак, со името на Ненси се поврзуваат и многу критики. Додека Роналд беше познат како „тефлон претседател“, заради неговата способност да ги одбива контроверзиите и критиките, Ненси беше наречена „замка за муви“ зашто речиси сè што беше негативно се лепеше за неа. Многумина ја критикуваа бидејќи во време на рецесија таа се стремеше да ги врати гламурот, луксузот и високата мода во Белата куќа.
Ненси и Роналд се родители на две деца – Пети и Рон. Мајкл Реган, синот на Роналд од првиот брак, на социјалните мрежи ја сподели пораката: „Таа е повторно со мажот кој го сакаше.“