Почетна » Новости » Животни стории » „Не жалам за одлуката“: Мајка на 5 деца посвои бебенце кое никој не го сакал откако дозна дека е бремена

„Не жалам за одлуката“: Мајка на 5 деца посвои бебенце кое никој не го сакал откако дозна дека е бремена

Понекогаш судбината крои интересни животни приказни кои вреди да бидат споделени. Како онаа на Стефани Холифилд.

Стефани и нејзиниот сопруг дознале дека очекуваат бебе веднаш штом го завршиле процесот за згрижување новороденче. Тие веќе имале три свои деца – две биолошки и едно посвоено.

Стефани Холифилд

33-годишната мајка била во 6. месец од бременоста кога ѝ се јавил социјален работник за да ја праша дали ќе згрижат бебе кое никој друг не сакал да го земе. По долго размислување, убедена дека секое бебе заслужува топол дом, таа рекла ДА.

И покрај зачудените погледи кои ги добивала додека го носела своето бебе врзано над големиот труднички стомак, и покрај непреспаните ноќи и грижите, Стфани тврди дека во ниту една секунда не зажалила за својата одлука и дека секој ден е благодарна што им е мајка на нејзините пет деца.

Бебиња

Еве дел од нејзиниот текст во кој го раскажува своето патување од мајка на три до мајка на пет деца:

Како сега се сеќавам на зачудените погледи кои ги добивав додека чекорев по улица со моето огромно трудничко стомаче и новороденче врзано на градите. Веројатно и јас би зјапала. Тоа е невообичаена глетка и да бидам искрена и јас никогаш не си ја замислував за мене. Но, стоев таму подготвена за две бебиња на 3 месеци разлика.

Пред неколку години, со сопругот го започнавме процесот за подготвување на нашиот дом и нашите срца за згрижување бебе. Веќе имавме три деца, две биолошки и едно посвоено. Иако бевме многу возбудени за згрижувањето, исто така бевме нервозни за воспитувањето на четири деца. Но, нашата треска за бебе ни ги имаше обземено нашите рационални умови и продолживме понатаму.

Процесот за згрижување и посвојување е долг и само што завршивме со него, дознавме дека сум бремена. УПС! Сте знаеле ли дека односите без заштита можат да доведат до бременост? Дури и ако не се обидувате да зачнете? Знаевме и ние, но претпоставувам подзаборавивме на една минута. И плановите се променија. Ја славевме оваа бременост и идејата да посвоиме бебе ни се протна низ прсти.

Бев во 6. месец од бременоста кога ми се јавија за да згрижам новородено женско бебе. Кога социјалниот работник виде дека сум бремена, ми рече дека вообичаено не сместуваат новороденчиња во семејства кои очекуваат бебе. Па, продолживме со нашиот живот, а јас постојано мислев на тоа бебе. Сакав да имам уште едно девојче. Отсекогаш сакав близнаци, па две бебиња на неколку месеци разлика, би биле супер. Но, правила се правила.

Неколку недели подоцна, социјалниот работник се јави повторно. Контактирале со неколку други семејства, но не можеле да најдат дом за бебето кое тогаш имаше 7 недели. Ми рече: „Разговарај со сопругот и јави ми се. А да, и дали ќе можете да возите три часа утре за да ја земете?“ Тоа беше лудо! Кој има бебиња кои се на три месеци разлика? Исто така, тоа ќе значеше дека ќе имам ПЕТ деца. Тоа е уште поголема лудост!

По сите разговори и молитви, се јавивме и рековме ДА. Рековме ДА на бебе кое заслужува некој кој ќе биде среќен што ќе го одведе дома. Рековме ДА на многу неизвесности, на месеци без сон, на хранење бебиња и грижи дали ќе бидеме доволно, дали ќе им дадеме доволно. Бевме 0% убедени дека тоа беше мудар избор, но тоа ни изгледаше како единствен избор.

Поминавме половина држава за да земеме бебе кое никогаш не сме го виделе. Големи кафеави очи и мали дупчиња на образите зјапаа во нас од малото лице, на 7 недели тоа бебе се смееше. Да го видиш тоа убаво, совршено и беспомошно бебенце значи веднаш да се заљубиш во него.

Кога ја зедов в раце, нешто ми светна. Знаев дека ние имаме доволно, бидејќи таа немаше ништо. Ова малечко новороденче кое го имаше животот пред себе ја заслужуваше секоја можност која овој свет ја имаше за него. Почувствував одговорност кон неа и кон личноста во која еден ден ќе прерасне и во тој момент знаев дека можеме да направиме ова да функционира.

Социјалниот работник ни кажа дека и нејзината мајка и нејзината баба имале екстремно низок коефициент на интелигенција и дека има големи шанси да има и таа. Во тој момент не ми беше гајле. Можеа да ми речат дека ќе ѝ порасне рака на чело и јас повторно ќе речев: „Супер! Подготвени сме да го одведеме дома нашето бебе сега!“

Нашите денови со две новороденчиња не беа онакви какви што си ги замислувате. Кога ќе се вратам на тие моменти, не се сеќавам да сум била уморна или истоштена, иако знам дека бев и едното и другото. Се сеќавам дека бев обземена од љубов. Тие си одговараат совршено, а да бидам нивна мајка беше како сон кој никогаш не знаев дека може да го имам.

Сè уште се сеќавам на чувството кога таа и нејзиниот брат ќе се стуткаа во моите раце додека им пеев песни и ќе гугаа во обид дa ги имитираат моите зборови. Се сеќавам колку беше магично кога првпат се смееја заедно. Се сеќавам колку чиста радост донесоа во нашите животи.

Бебиња Бебиња

Процесот на посвојување на новороденчето не бил лесен, бидејќи друг роднина исто така аплицирал за негово посвојување. По месеци исполнети со грижи, молитви, посети на адвокати и судови, Стефани открила дека роднината се откажал од правото на старател.

Поминаа две години откако го донесовме нашето девојче дома и речиси две години откако се роди нашиот син. Мојата ќерка е најпаметното дете кое некогаш сум го запознала. Таа пее и зборува нонстоп. Обожава луѓе и мавка како Мис Америка каде и да оди. Помни сè што ќе види, а потоа им раскажува на тотално непознати личности сè за тоа.

Таа е многу повеќе од етикетите кои беа залепени на неа. Таа е брилијантна и немаме потреба од тест за интелигенција или од семејна историја за да го видиме тоа.

Мојот омилен дел од мајчинството е кога ги гледам моите деца заедно, како си играат и паѓаат на земја од смеење.

Обожавам кога ги гледам моите малечки како потскокнуваат во дворот држејќи се за раце и како пеат песни на јазик кој само тие го разбираат. Срцето ми се топи кога го гледам мојот син со кафеава кожа како се дуе од гордост додека им раскажува на луѓето дека сестра му го сака премногу зашто и двајцата имаат прекрасна темна кожа.

Тоа што моите големи деца ги сакаат малите и начинот на кој си се радуваат едни со други за мене е доволна причина за да запрам со тоа што го правам и да му се заблагодарам на Бог за Неговата милост.

Се разбира дека имаше тешки времиња. Имаше денови кога бев презафатена за да се истуширам. Сме биле какани и повраќани многу повеќе од нормално човечко суштество. Нашите нови дечиња имале невидени тантруми сред продавница. Сме имале тешки денови кои сум ги завршувала плачејќи стуткана на градите на мојот сопруг.

Но, не постои ниту една секунда од ниту еден ден во која да сум зажалила за моите избори. Не поминал ниту еден ден без да бидам благодарна што сум нејзина мајка. Ќе го живеам остатокот од мојот живот во обид да бидам достојна на таа титула.

Бебиња

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20839 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.