Медицинскиот персонал во Клиничкиот болнички центар „Ребро“ во Загреб има за што да слави. Сијамските близначки, кои пред повеќе од два месеци беа успешно раздвоени во центарот, одлично напредуваат и се во добра здравствена состојба.
Валентина и Кристина се родија на средината од јануари како сијамски близначки споени во градниот кош, црниот дроб и цревата.
Операцијата за нивно одвојување бил еден од најкомплицираните медицински зафати и втор таков случај во светот. Одвојувањето се смета за „медицинско чудо“, бидејќи во првиот случај, преживеал само едниот близнак, а во овој случај и двете близначки преживеале.
Вкупно 14 доктори и хирурзи од различни медицински полиња оперирале 15 часа за успешно да ги одвојат сестричките. Родителите Марија и Петар Тамболаш постојано биле покрај своите ќерки во болницата.
Близначките страдале од синдром на меѓублизначка трансфузија и поради тоа што им бил загрозен животот, тие морале да бидат оперирани кратко по раѓањето.
Бидејќи се родиле предвреме во 33-тата недела од бременоста, Валентина и Кристина ги поминале првите пет недели од животот во подготовки за операција.
Уште во третиот месец од бременоста, на Марија ѝ кажале дека носи сијамски близнаци и ја советувале да абортира. Но, таа им рекла дека абортусот не е опција за нив и одлучила да ги роди. Иако во текот на целата бременост имала кошмари и проблеми, ништо не било потешко од неизвесноста од резултатите од операцијата.
„Најтешко ни беше додека беа на операција и претходно кога имаа воспаление на цревата, тоа беше тешко, едвај преживеаја“ – рекла Марија.
Дополнителен проблем за време на операцијата била блискоста на срцата на девојчињата.
„Срцата беа многу блиску и не беше јасно дали ќе има проблем при раздвојувањето на тие мали прекрасни срца“ – рекол еден од докторите кои се заслужни за историскиот зафат.
„Девојчињата се добро и се опоравуваат како што очекувавме“ – додал тој.
„Се работи за втор случај во светот близнаци да бидат споени со црниот дроб и со цревата. Во првиот случај, преживеа само еден од близнаците, а нашите девојчиња се живи и засега напредуваат добро“ – рекла докторката Ружа Грижељ во интервју по операцијата.
Марија и Петар се родители на уште две деца - една ќерка и еден син.