Фудбалер од Босна и Херцеговина изминативе месеци привлекува големо внимание на Балканот. 23-годишниот спортист без размислување ја стави под знак прашалник спортската кариера за да го спаси животот на мајка си.
Роберт Периќ-Комшиќ, кој во моментов игра за хрватски клуб, ѝ донираше 70% од црниот дроб на жената која му подари живот. Претходно, таа имала три неуспешни трансплантации и не ѝ останувало уште многу време за живеење. Откако другите нејзини опции се покажале како ризични, тој одлучил да отпатува во Турција и да биде нејзин донор.
За среќа, четири месеци по операцијата, Роберт се врати на фудбалскиот терен.
„Во оваа приказна, мајка ми е поголем херој од мене. Да не му го даде Бог на никого она што таа го преживеа во изминатите 13 години. Имаше три неуспешни трансплантации на црн дроб од починат донор... Ризикот беше огромен, а времето на мајка ми истекуваше. Беше во животна опасност, стомакот ѝ се полнеше со вода и беше прашање на денови... Во моментот кога дознав дека сите други опции се исцрпени, се спакував и одлетав за Истанбул.“
„Мама мора да прима терапија, но тоа не е за неа никаква новост, затоа што со години е под лекови. Мене сите резултати ми се уредни, црниот дроб два месеци по операцијата беше целосно регенериран. Бегам од некакви приказни за херојство, го направив она што би го направи секој кој растел во функционално семејство. Мене мајка ми ми даде живот, а јас ѝ го продолжив нејзиниот“ – изјавил Роберт.