Да го отвориме нашето срце и да се обидеме да ѝ помогнеме на малата Викторија Костадинова.
10-годишното девојче од Гевгелија по вторпат се бори со леукемија, а за да може да излезе како победничка, потребно е да ѝ се направи трансплантација на коскена срцевина. За жал, соодветен донор сè уште не е пронајден.
„Да најдеме донор за оваа насмевка да светка уште долго“ - стои во објавата.
На социјалните мрежи се споделува апел до сите коишто сакаат да помогнат да се тестираат во амбулантата на Имунологија. Тоа е „розова мала барака од лева страна пред Клиниката за Инфективни болести“, како што стои во објавата. Сите коишто се заинтересирани, можат да дадат крв до 13:30 часот.
„Не е потребно ништо, ниту упат, ниту се наплаќа, освен да нагласите дека е за нејзе. Ве молам за споделување“ – стои во апелот.
Викторија еднаш се избори со оваа ужасна болест во февруари 2022 година, но за жал, по три години болеста се враќа и ѝ го пореметува детството и животот.