Никој не заслужува да преживува наместо да живее или да се измачува во тешки околности. Сепак, реалноста не е сјајна и околу нас има многу семејства на кои очајно им е потребна помош.
Семејството Додевски од скопската населба Драчево секојдневно се бори за пристоен живот.
Живот во сиромаштија
Петчленото семејството живее во стан на државата, за кој плаќа минимална кирија. Излишно е да се каже дека условите се ужасно лоши. Ѕидовите се прекриени со влага и мувла, а имаат на располагање само една спална соба во која спијат сите заедно. Мебелот е пред распаѓање, а низ домот можат да се видат лебарки и други инсекти.
Таткото работи за да им овозможи барем скромен живот на најмилите, додека мајката е спречена да работи, бидејќи боледува од леукемија.
Девојчињата се на возраст од 3, 9 и 11 години. Ним им недостига училиштен прибор, како и облека и обувки.
Апел за помош
Волонтери на Црвениот Крст ги насочија своите напори да му помогнат на семејството. Тимот составен од Дора Симоновска, Мира Милеска, Ивана Димова, Марко Груевски и Магдалена Бојковска е решен да ја промени судбината на семејството.
Како да помогнете?
Со цел да му ги подобрат условите за живот на семејството, волонтерите од Црвен Крст организираат низа активности:
- Продавање на рачни изработки за Денот на жената (8ми март) пред ТЦ Бисер.
- Хуманитарен концерт во Дом на АРМ на 12 март. Под мотото „Во потрага по изгубените насмевки“, во концертот ќе земат учество ансамблите за народни песни и ора Кочо Рацин, Орце Николов, Глигор Прличев, Никола Јанков-Вапцаров и Китка. Картите за концертот ќе бидат со цена од 100 денари, а со цел да се соберат што е можно повеќе донации, истите ќе може да се купат и на влезот на денот на концертот.
Покрај овие акции, се бараат хумани луѓе кои на каков било начин можат да му помогнат на семејството. СЕКОЈА ДОНАЦИЈА Е ВАЖНА!